Added by on 2013-06-05

Logo_04_-_APCАсоцијацијата за прогресивни комуникации (АПК), со седиште во Јоханесбург, ЈАР, во изјава за јавноста објавена вчера, 4 јуни 2013 година, им дава поддршка на организациите на граѓанското општество во борбата за слобода на говорот и изразувањето а против предложениот Закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги. Следи интегралниот текст на изјавата на АПК.

„Македонија е една од многуте држави во кои граѓаните се борат за демократија и против мерките за контрола на медиумите и за ограничување на слободата на изразувањето и пристапот до информации во онлајн и офлајн сферата. Последна таква мерка е предложениот нов Закон за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги кој бара филтрирање на сите медиуми, печатени и на интернет, преку една централизирана владина агенција, практично дозволувајќи и на владата можност за легално филтрирање и цензура на содржините.

На 8 април 2013 година, македонскиот министер за информатичко општество и администрација го претстави нацрт-Законот и го најави почетокот на 60-дневен период на јавни консултации, кој формално завршува на 8 јуни. Во текот на подготовките на првиот нацрт не беа спроведени никакви консултации со граѓанското општество.

Македонските медиуми веќе се под цврста контрола на властите. “Контролата пред се се спроведува преку сопственоста врз медиумите – сопствениците на најголемиот број медиуми се лица што се тесно поврзани со Владата“, вели Бардил Јашари од Фондацијата Метаморфозис, организација членка на АПК.

Членот 1 од предложениот нов Закон за медиуми вели, „ Со овој Закон се уредуваат правата, обврските и одговорноста на издавачите на медиуми, давателите на аудиовизуелните медиумски услуги и обезбедувачите на програмски пакети“. Со други зборови, Законот ќе одлучи каква е улогата и кои се обврските на новинарите, уредниците и блогерите и другите членови на медиумската заедница. Законот исто така бара „лицата што сакаат да ја информираат јавноста“ преку печатени и електронски публикации да се регистрираат кај надлежната владина агенција која поседува арбитрарна моќ да го толкува законот. На пример, поради површната дефиниција на издавачи на медиуми, индивидуалните лица и невладините организации се доведени во опасност да не можат да регистрираат информативни портали. Ако и покрај тоа решат да ги основаат таквите портали, можат да бидат парично казнети.

Предложениот Закон ќе ја ограничи слободата на информирање и слободата на говор на интернет. Јашари предупредува, „Интернет е единствениот преостанат слободен простор за критички јавен дискурс и јавно изразување. Владата и се заканува на последната арена за слобода на говорот“.

Коалицијата на невладини организации „Фронт за слобода на изразувањето“ превзеде неколку акции, преку протести и конференции, за заштита на слободата на говорот од заканата што ја носи новиот закон.

Фондацијата Метаморфозис ќе се состане со Френк Лару, Специјален известувач на ОН за унапредување и заштита на правото на слобода на изразувањето и мислењето, кој ќе ја посети Македонија овој месец. Минатиот понеделник, на 3 мај, Лару поднесе извештај до Советот за човекови права во кој се поврзуваат прашањата поврзани со слободата на изразувањето и надзорот и следењето од страна на државата. Според организацијата Приваси интернешенал, „извештајот е прв случај ОН да го стави правото на приватност на централно место во однос на демократските принципи и слободниот проток на говор и идеи“.

АПК ги поддржува организациите на граѓанското општество и Метаморфозис во напорите да се изборат за правата на интернет и човековите права на граѓаните на Македонија. Ги повикуваме сите оние што веруваат во вредностите на слободниот говор и слободните медиумите да ја поддржат нивнат борба и да ја потпишат оваа изјава против Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги.

За дополнителни информации, посетете ги интернет страната на Фондацијата Метаморфозис, Правна анализа на нацрт-законот на ОБСЕ, Анализата на Нацрт-Законот подготвена од британскиот експерт за медиуми Петер Норландер објавена од ЗНМ, уводникот објавен од Фондацијата Еден свет – платформа за Југоисточна Европа, и Анализата на нацртот на УСАИД и Центарот за развој на Медиуми.

Категорија

Вести од партнери