Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во периодот октомври – декември 2014 година, следејќи ја примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и Законот за медиуми (ЗМ), ја набљудуваше работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Собранието на Република Македонија, на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како и работата на Македонската радиотелевизија (МРТ).
Во овој период на мониторинг АВМУ, ја објави на својата интернет страница, Нацрт-програмата за работа за 2015, заедно со Финансискиот план за 2015 година. Анализата на проектираните активности и финансии, покажува дека Агенцијата планира да потроши дури 64,3% отсто од вкупните приходи за изградба на новиот деловен објект и за набавка на нов мебел Планираниот буџет на Агенцијата за 2015 година, изнесува 212.800.000 (3.460.000 евра), а од нив е планирано за нов објект и мебел да бидат потрошени дури 136.800.000 денари или повеќе од 2.200.000 евра. Едновремено, АВМУ за потребите на изградбата на новиот објект планира и да се задолжи односно да подигне кредит во висина од 40 милиони денари или околу 650.000 евра. Вака проектираните финансии недвосмислено укажуваат на тоа дека Агенцијата, во наредната година, многу повеќе ќе вложи во канцеларии и мебел отколку во развој и унапредување на медиумската сфера.
Според годишниот финансиски план, АВМУ планира да инкасира еден милион денари од камати во тековната година. ЦРМ потсетува дека Агенцијата во неколку наврати во текот на 2014 година, орочуваше средства, но дискусијата и одлуките за тоа се одвиваа зад затворени врати и надвор од очите на јавноста односно јавноста не знае во кој износ, во која банка и под кои услови се орочени средствата на АВМУ. Дополнителна недоумица предизвикува и фактот дека во нацртот на годишниот план не е наведено за какви камати станува збор и за што точно ќе бидат искористени овие средства.
Анализата на планираните приходи за 2015 година покажува и дека АВМУ очекува зголемен приход од радиодифузната такса односно 42 милиони денари, додека пак, Македонската радиотелевизија, во својот годишен план, предвидува помал прилив на средства од радиодифузната такса. Останува нејасно зошто АВМУ и МРТ имаат различни проекции во врска со наплата на радиодифузната такса. Ваквиот расчекор во планирањето загрижува бидејќи станува збор за институции на кои радиодифузната такса треба да им обезбеди самостојност и независност во работата.
Кога станува збор за финансиските планови на АВМУ треба да се напомене дека Агенцијата очекува да инкасира и 23.800.000 денари од надоместокот за дозвола за радио и ТВ емитување, како и 7 милиони денари од надзорот на реемитување на програмски сервиси на оператори на јавна електронска комуникациска мрежа.
Во овој период на мониторинг, АВМУ не го заврши изборот на заменик директор, но го започна процесот на замена на дозволите на радиодифузерите предвиден со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој треба да биде заокружен најдоцна во првата недела на јануари 2015 година.
Како и во претходниот период на мониторинг, така и сега, ЦРМ констатира дека Собранието, го надмина законскиот рок, и се уште не го избра новиот состав на програмскиот совет на МРТ. Единствено, Комисијата за прашања на изборите и именувањата, во првата половина на декември, го утврди Предлогот на кандидати за именување членови на програмскиот сoвет на МРТ и му го достави на Претседателот на Собранието. Законското решение, а со самото тоа и предложениот состав на идниот совет, укажуваат на опасноста од големо политичко влијание врз програмата и работата на МРТ, која треба да биде независен и самостоен јавен радиодифузен сервис на граѓаните.
ЦРМ овој мониторинг го спроведува во рамките на Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, Проект за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.