Added by on 2015-02-04

Prezemeno od freepress.net

Преземено од freepress.net

 

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) потсетува дека новинарите не се одговорни за начинот на кој нивните извори ги добиле податоците, вклучително и податоци што произлегуваат од неовластено следење на комуникациите. ЦРМ ги повикува новинарите во известувањето за случајот „Пуч“ да не го запостават јавниот интерес.

ЦРМ потсетува дека праксата на Европскиот суд за човекови права ги ослободува новинарите од одговорност за објавување тајни или лични податоци и информации, доколку новинарите во добивањето на информациите не прекршиле некој закон или правило.

Исто така, во Заедничката изјава на Специјалните известувачи за слободата на изразување на ОН, ОБСЕ, ОАД и Африканската унија од 19 декември 2006 година, се вели дека „Новинарите не треба да носат одговорност за објавување тајни или доверливи информации ако самите не прекршиле никакво правило или законска одредба во обезбедувањето на таквите информации“.

Директивата за заштита на индивидуата во однос на обработката на лични податоци и слободата на движење на таквите податоци на Европскиот Парламент и на Советот на ЕУ (95/46/ЕЦ) ги опфаќа, во дефиницијата за лични податоци, и видео и аудио снимките собрани со тајно снимање (тн. „undercover“), но на земјите членки им наложува, во Член 9 од Директивата, во националните законодавства да обезбедат исклучоци или ослободување на новинарите од одредбите на Директивата што се однесуваат на процесирањето на лични податоци.

Секако, во известувањето во такви случаи, новинарите треба да се придржуваат до правилата на професионалната етика, која бара објективност и почитување на приватноста на други лица, но не по цена на запоставување на јавниот интерес.