Added by on 2018-06-29

Во рамките на активностите за подготовка на документи за јавни политики како придонес кон започнатиот процес на медиумски реформи, Центарот за развој на медиуми, организираше две јавни дискусии. На јавната дискусија одржана на 8 јуни 2018 година во Хотел „Бест Вестерн Турист“ во Скопје, ЦРМ пред заинтересираните актери го претстави документот за јавни политики „Белешки за креирање на јавни политики за субвенционирање на медиумите и новинарството“, а на 25 јуни 2018 година, го претстави документот „Идните интервенции во медиумското законодавство.

На двете дискусии, ЦРМ ги покани своите ставови и гледишта за нацрт-документот да ги дадат и претставници на заинтересираните страни – претставници на печатените медиуми, граѓанските организации што работат во областа на медиумите, претставници на меѓународните организации што се присутни во Македонија, и претставници на носителите на одлуки, односно на двете надлежни владини тела во областа на медиумите – Министерството за информатичко општество и администрација и Секторот за комуникации, отчетност и транспарентност.

На првата дискусија, посветена на прашањето на можностите за субвенционирање, односно поддршка за медиумите од јавни фондови, присутните на средбата се согласија дека доброто новинарство треба да се плати, а дека состојбите на македонскиот пазар, кој е премал за да може да се потпира само на пазарните законитости, ја наложуваат потребата од помош за медиумите што го негуваат сериозното новинарство. Повеќе учесници го повторија ставот дека, иако медиумите се бизнис, сепак не се работи за „гранапи“, со оглед на општествената одговорност што ја имаат, и дека поради тоа мора да се обезбедат еднакви услови за сите актери на пазарот, за потоа пазарот да може да „одлучи“ кој ќе опстане а кој не.

Учесниците ги повторија лошите искуства со поранешните програми за субвенционирање на печатени медиуми (последната таква програма беше укината во 2002 година), кои, според нив, биле „теледиригирани“ односно добитниците на помош биле познати однапред, без какви било критериуми. Тие се навратија и на начинот на кој претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше јавните пари за да обезбеди меиумска поддршка за своите пропагандни активности и политики. (За повеќе детали од расправата, погледнете во документот „Белешки за креирање на јавни политики за субвенционирање на медиумите и новинарството“).

 

Учесниците на јавната дискусија посветена на документот „Идните интервенции во медиумското законодавство“ во голема мера изнесоа забелешки на досегашниот тек на процесот на медиумски реформи, вклучително и измените на постоечкото законодавство, односно предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кој во моментов е заглавен во амандманска расправа во надлежната собраниска комисија.

Кај повеќето од нив, главната забелешка се однесува на доцнењето и оддолжувањето на целиот процес, но и недостигот на какви било промени во однос на периодот по првиот и вториот извештај на Прибе. Притоа, посочија, што е став со кој ЦРМ се согласува, дека сегашниот предлог закон е настанат во еден строго дефиниран историски момент, со цел да ја ограничи моќта за злоупотреби на медиумите на претходната власт, а во смисла на тогаш претстојните предвремени избори што иницијално требаше да се одржат во Април 2016 година.

Оттаму, ја посочија разликата помеѓу интервентни измени и системски реформи, и во тој контекст, значењето на една сеопфатна медиумска стратегија што треба да биде донесена во инклузивна процедура, и што ќе служи како основа за сите идни интервенции и за целокупните системски реформи во медиумскиот сектор во Македонија. Притоа, акцент беше ставен на фактот дека законодавните реформи не можат да се однесуваат само на ЗААВМУ, затоа што редица закони содржат одредби што се однесуваат и на различни аспекти од функционирањето на медиумите. Притоа, додадоа дека впечатокот е дека дебатата за системските реформи главно се води внатре во граѓанскиот сектор (иако сегашните законодавни промени беа предмет на прилично сеопфатна јавна дебата со вклучување на сите заинтересирани страни. (За повеќе детали, погледнете во документот „Идните интервенции во медиумското законодавство“)