Added by on 2015-04-03

Mediumski sistem 1Учесниците на дебатата „Каков медиумски систем и е потребен на Македонија?“ што беше оддржана вчера, на 2 април 2015 година, во салата „Милениум 2“ во хотелот „Холидеј ин“, во организација на Центарот за развој на медиуми и Фондацијата Отворено општество Македонија, се согласија дека сегашниот медиумски систем што се одликува со високо ниво на политичка поларизација и презаситеност на пазарот.

Идејата на дебатата беше да отпочне расправата за медиумскиот систем во Македонија, од дијагностицирање на сегашните состојби до пронаоѓање на оптимални решенија, што би придонеле во земјава да се воспостави медиумски систем што ќе биде димензиониран и позициониран како поддршка на демократскиот и севкупниот развој на земјата.

Беше постигната согласност дека тоа нема да биде ниту брзо ниту едноставно, но е потреба која произлегува и од актуелната состојба во земјата која веќе подолг период се наоѓа во длабока политичка криза, со медиумски пејсаж кој се покажува неадекватен за задачата што е пред него. Еден од основните заклучоци на дебатата беше дека основната улога во таквото ресетирање или воспоставување на нов медиумски систем мора да ја игра државата и дека таквиот потфат ќе мора да чека да се промени сегашната крајно неповолна ситуација и владејачка структура која единствено се грижи како да го стави целиот медиумски систем под цврста контрола и во функција на своите политики.

Учесниците во дебатата посочија дека расправата и активностите на редизајнирање – или „ресетирање“, како што посочи еден од учесниците – ќе треба да се насочат кон регулативата, медиумскиот пазар, новинарските стандарди и политичките односи. Беше посочен и проблемот со недостиг на соодветни податоци и статистики – за индустријата, за населението, за структурата на домашниот производ, маркетиншките потреби, итн.

На дебатата учествуваа медиумскиот аналитичар Сашо Ордановски; Сефер Тахири од Универзитетот на ЈИЕ; Горан Гаврилов, управител на Радио Канал 77; Зоран Фидановски, член на Советот на АВМУ; уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски; новинарот Зоран Бојаровски; и новинарот и активист Петрит Сарачини од Македонскиот институт за медиуми. Во дебатата, што ја модерираше новинарката Ида Протуѓер-Вељковиќ, се вклучи и публиката.

На дебатата беше претставена и публикацијата „Медиумското законодавство – предизвик за слободата на медиумите“. За публикацијата говореше Саше Димовски, еден од коавторите на публикацијата што дава преглед на ефектите од новото медиумско законодавство во првата година од неговата практична примена.

Mediumski sistem 2