Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) вчера, 13 март 2014 година, во Клубот на новинари во Скопје, ја организираше дебатата „Што донесе декриминализацијата на клеветата?“.
На дебатата беа претставени основните наоди од мониторингот на судските случаи на навреда и клевета што Центарот за развој на медиуми го спроведе во периодот од 1 февруари 2013 до 28 февруари 2014 година. Континуираниот мониторинг се спроведува во рамките на Проектот на УСАИД за одговорни медиуми и реформа на медиумското законодавство.
Дискусијата ја модерираше новинарот Саше Димевски, а свои излагања имаа и панелистите – адвокатот Филип Медарски, уредничката на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани. Наодите од мониторингот ги претстави членот на правниот тим на ЦРМ Владимир Медарски.
Во дебатата се вклучија повеќе учесници кои посочија на недостатоците на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како и на судската пракса во примената на тој закон во случаите за навреда и клевета пред македонските судови.
Детален извештај од дебатата, заедно со извештајот од мониторингот ќе бидат достапни на нашата страна идната седмица.