ЦРМ во неколку документи, дава свој придонес кон решавање на горливите прашања што се во фокусот на започнатиот процес на реформи на медиумското законодавство. Целта на овој краток документ е да понуди дополнителни детали за насоките во кои треба да се движат потребните измени, на ниво на законодавство или на ниво на медиумски политики.
Македонија започна со процесот на реформи на медиумите и медиумскиот сектор, процес што произлегува од препораките на групата искусни експерти – „Извештајот на Прибе“ – и Итните реформски приоритети на ЕУ. Тој процес на реформи ќе има две основни компоненти, првата компонента се нужните интервенции во медиумското законодавство – Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми, а втората ќе ги вклучува внатрешните реформи во медиумите и редакциите, со цел да добиеме слободен, демократски, плурален и одржлив медиумски сектор.
Собранието на РМ во моментов го разгледува, во 2ро читање, Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тој Предлог-закон, иако поднесен по една прилично исцрпна јавна расправа, вклучително и серија разговори и преговори за одредени измени со директно засегнатите страни (промоцијата на музичката продукција, авторските права), според нас, е само добар почеток за еден подолг процес на интервенции во повеќе области што ги покрива ЗААВМУ.
Имено, за да обезбедиме вистинска рамка за реформите што, во својата суштина, примарно треба да се одвиваат на ниво на медиуми и редакции, ќе треба да интервенираме во законодавството со цел да ги отстраниме околностите што придонесуваат за високото ниво на изложеност и ранливост на медиумите на секаков вид на притисоци. Таквите притисоци и влијанија главно се манифестираат, независно од мотивацијата, како економски притисоци кои лесно „минуваат“ поради неодржливоста на презаситениот пазар.
Еден од главните недостатоци на актуелниот Предлог-закон е во тоа што, освен што се фокусира на промената на составот и начинот на именување на двете клучни тела задолжени за спроведување на законот, како и на обидот за обезбедување на финансиска независност и стабилност на јавниот радиодифузен сервис, површно допира индивидуални аспекти од некои области покриени со законодавството кај кои промените, во согласност со идентификуваните потреби, треба да бидат подлабоки, да ги опфатат сите горливи прашања и да се разгледуваат како целина.
ЦРМ во неколку документи, главно во коментарите на неколкуте верзии на Предлог-законот за измени и дополнувања на ЗААВМУ, но и во постари документи за јавни политики, разгледува повеќе такви прашања. Целта на овој краток документ е да понуди дополнителни детали за насоките во кои треба да се движат потребните измени, на ниво на законодавство или на ниво на медиумски политики, со план во иднина сите такви отворени прашања да бидат разработени во посебни документи за развој на јавни политики.
Во рамките на активностите за подготовка на овој документ, Центарот за развој на медиуми организираше и јавна дискусија, на 25 јуни 2018 година во Хотел „Бест Вестерн Турист“ во Скопје. На дискусијата, ЦРМ ги покани своите ставови и гледишта за нацрт-документот да ги дадат и претставници на заинтересираните страни – претставници на печатените медиуми, граѓанските организации што работат во областа на медиумите, претставници на меѓународните организации што се присутни во Македонија, и претставници на носителите на одлуки, односно на двете надлежни владини тела во областа на медиумите.
Документот е приложен на следниот линк: Идните интервенции во медиумското законодавство
Овој документ е подготвен со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.