Added by on 2015-01-10

Центарот за развој на медиуми, во рамките на програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Република Македонија и Проектот за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, во периодот од февруари 2013, до декември 2014-та година, постојано ги набљудува судските постапки, поведени според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, пред Основниот суд Скопје 2 Скопје.

Со донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во ноември 2012-та година, клеветата и навредата се декриминализираа, односно се префрлени од кривична во граѓанска постапка. Медиумската и експертската јавност ја поздравија декриминализацијата на навредата и клеветата, но притоа, истакнаа дека ова законско решение има бројни слабости кои можат негативно да влијаат врз слободата на изразување, како и да поттикнат самоцензура. Центарот за развој на медиуми, во 2012-та година, направи и „Анализа на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета“, во која укажа на определени слабости на предложеното законско решение. Откако Законот беше донесен, заедно со Фронтот за слобода на изразување, ЦРМ во април 2013-та, достави и Иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија, за поведување постапка за утврдување на уставноста на определени законски одредби. Уставниот Суд сè уште се нема изјаснето за оваа иницијатива, иако се поминати повеќе од давесет месеци од нејзиното доставување.

Имајќи го предвид фактот дека овој Закон е од исклучително големо значење за слободата на изразување и слободата на медиумите во Република Македонија, како и неизвесноста од ефектите на неговата имплементација, Центарот за развој на медиуми, континуирано ги следи судските случаи за навреда и клевета во кои се вклучени новинари, уредници и медиуми, но и случаите во кои како странки се јавуваат  државни функционери.

Покрај директното следење на овие предмети и присуството на одржаните рочишта, ЦРМ во изминатите речиси две години, е во постојан контакт и со Апелациониот суд односно ги следи жалбените постапки за веќе донесените пресуди од Основниот суд.

Овој мониторингот се фокусира на спроведувањето на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, постапувањето на судиите при примената на материјалниот и процесниот закон во судските постапки, примената на

праксата на Европскиот суд за човекови права, на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и на другите меѓународни документи и принципи за заштита на слободата на изразување, како и работата на судските служби.

На судските случаи за клевета и навреда во Основниот суд Скопје 2 Скопје работат тројца судии: Јованка Спировска Панева, Весна Калковска и Нухи Рустеми, а во Апелациониот суд Скопје, работи совет кој е составен од судијката Лидија Димчевска, претседателка на Советот, и судиите Станка Зафирова и Енвер Беџети.

Целиот извештај можете да го погледнете тука.