Added by on 2013-09-19

Панелистите на дебата Медиумите во изборното законодавство

Панелистите на дебата Медиумите во изборното законодавство

Центарот за развој на медиуми организираше дебата „Медиумите во изборното законодавство“ во хотелот Холидеј ин во Скопје на 12 септември 2013 година, во пресрет на измените на изборното законодавство во Република Македонија.

На дебатата беше презентиран документот за јавна политика „Медиумите во изборните циклуси и потребата за измени на Изборниот законик на Република Македонија“ кој беше изработен од страна на Центарот за развој на медиуми, а воведни излагања дадоа и Климе Бабунски, Сашо Орданоски и Ердем Ахмет, по што беше отворена дискусија меѓу учесниците.

Климе Бабунски од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) говореше за улогата на медиумите во изборните процеси, со посебен осврт на Јавниот радиодифузен сервис.

Сашо Орданоски се осврна на прашањето на транспарентноста на финансирањето на медиумското претставување во изборните циклуси, а Ерден Ахмет ги претстави искуствата од покривањето на претходните избори од аспект на медиумите.

На дебатата беше заклучено дека е потребно на некој начин да се регулира медиумското покривање во периодот од денот на закажување на изборите до денот на официјалниот почеток на изборната кампања. Како што посочија неколку учесници во расправата, тој е и најважен за партиите, кои главните кампањски активности ги фокусираат токму на тој период, а официјалната кампања ја користат повеќе „формално“ отколку суштински, за да ги претстават своите програми на гласачите.

Друг заклучок е дека мора да се скрати дозволеното време за платено политичко рекламирање од сегашните 15 на 12 минути на реален час програма, лимит со кој оперира и Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

На дебатата беше промовиран и предлог, по урнек на некои развиени демократии, како што се Велика Британија или Франција, за целосно укинување на платеното политичко рекламирање. Според Ристанка Лалчевска од Либералната партија, тоа би резултирало во враќање на јавните дебати помеѓу кандидатите и политичките партии, редовна демократска пракса на која веќе и заборавивме дека постои.

Конечно, повеќето учесници се согласија дека, иако промените во Изборното законодавство се потребни и добредојдени, како што е секој обид за подобрување на ситуацијата, до вистинска промена не може да дојде се додека овластените регулаторни и надзорни тела не почнат вистински да си ја работат работата и да ги следат и санкционираат прекршителите на законите и прописите.

На дебатата учествуваа 50-тина претставници на медиумите, неколку политички партии застапени во Собранието на РМ, претставници на меѓународните организации и дипломатските претставништва во земјава, како и невладини организации и претставници на академската заедница.

Дебатата беше организирана во рамките на Проектот на УСАИД за одговорно новинарство и законодавни реформи во медиумската сфера.

Во прилог на оваа статија го имате Резимето на дискусиите во рамки на јавната дебата „Медиумите во Изборното законодавство“.

Резиме од дебатата Медиумите во изборното законодавство

Категорија

Активности