Added by on 2020-07-25

Информирањето на граѓаните за она што се случува во нивните локални заедници отсекогаш имало посебно место и значење во информирањето воопшто, како најосновен израз на демократскиот развој и живот. Колку што е значајно за граѓаните да знаат како се врши државната власт и као работат владата и нејзините министерства, уште позначајно е да знаат како работи нивната локална власт и колку таа се грижи тие да ги добиваат соодветните услуги за кои плаќаат како даночни обврзници.

Граѓаните имаат потреба да знаат како работат локалните комунални сервиси, дали сметот се изнесува на време, каква е состојбата со улиците и како работат локалните училишта. Исто така, граѓаните сакаат информации за локалниот културен живот, како играат локалните спортски клубови, во претежно земјоделска земја како Македонија ги интересира какво ќе биде времето утре.

Таквите информации граѓаните многу ретко можат да ги добијат од големите национални медиуми што се фокусирани на парламентарната политика и работата на владата, на културната сцена во главниот град. Локалните медиуми кои работат и функционираат внатре во локалните заедници се далеку поспособни да ги задоволат таквите потреби на своите соседи и сограѓани или, во зависност од типот на медиум, во поширокиот регион.

Република Северна Македонија има долга и богата историја на локални, или подобро кажано хипер-локални медиуми. Благодарение на високото ниво на децентрализација во поранешната СФРЈ сите општини имаа свои јавни радиостаници, но и свои општински весници.

Таа ситуација се пренесе и во периодот по осамостојувањето. Атмосферата на новоосвоените слободи – вклучително слободата на информирање, како и новиот и нашироко промовиран претприемачки дух, резултираа во вистински „бум“ на нови радио и телевизиски станици во приватна сопственост, до таа мера што во еден момент, во државата функционираа повеќе од 180 радиодифузери, обезбедувајќи услуги на своите локални заедници или, во случајот на неколку телевизии и радио станици, на национално ниво. Јавните радиостаници, во неколку случаи ја дополнија својата дејност со телевизиско емитување, прераснувајќи во локални РТВ центри.

Локалните весници, исто така, главно ја преживејаа промената на системот. Во онаа мера во која за тоа беа способни, со оглед на ограничените ресурси и персонал, тие медиуми обезбедуваа одредено ниво на информирање на локалните заедници во кои функционираат.

Целта на овој документ, подготвен во рамките на проектот „Мониторинг и политики за реформиран медиумски сектор“, поддржан од програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, е да даде краток преглед на тековните состојби и можните идни трендови и да ја поттикне и насочи дискусијата кон можните решенија за овој горлив проблем на глобалната медиумска сцена.

Документот, во ПДФ формат, е приложен на следниот линк:

Како до квалитетно локално информирање во дигиталната ера?