Added by on 2015-05-13

Слободата на печатот 2015, последното издание на годишниот извештај за состојбата на медиумските слободи на Фридом хаус, ги сместува сите држави од регионот на Западен Балкан во групата на „Делумно слободни“ и изразува загриженост заради трендовите за кршење на слободата на печатот во 2014 година.

Насловната илустрација на извештајот Слобода на печатот 2015

Насловната илустрација на извештајот Слобода на печатот 2015

“За медиумските средини во регионот заеднички се неколку проблеми: користењето на законите за навреда и клевета од страна на политичарите и деловните луѓе заради потиснување на критичкото известување; јавните радиодифузери се наклонети кон властите; притисокот врз уредништвата од страна на политичките лидери и приватните сопственици што води кон самоцензура; неказнети закани, вознемирување и напади врз новинарите; и нетранспарентна сопственичка структура на медиумите“, вели извештајот.

Скорот на Македонија се влошил за 10 поени во минатите пет години, од 48 на 58 поени, и земјата е најлошо рангирана од сите земји во регионот, на 125-то место од 199 држави и територии опфатени во извештајот. Во тој петгодишен период, неколку опозициски медиуми беа принудени на затварање, а новинарот Томислав Кежаровски остана во притвор во целата 2014 година под обвинение дека го открил идентитетот на заштитен сведок во истрага за убиство.

Во Србија, во 2014 година, администрацијата на премиерот Александар Вучиќ настојуваше да го ограничи известувањето за поплавите што ја погодија земјата во месец мај и насочуваше се пожестока реторика и вознемирување кон независните новинари; наводно, таквиот притисок мотивирал неколку радиодифузери да откажат значајни политички дебатни емисии.

Состојбата во Црна Гора се влоши по враќањето на Мило Ѓукановиќ на позицијата премиер во 2012 година. Оттогаш, независните дневни весници како што се „Вијести“ и „Дан“, и неделникот „Монитор“, се соочуваат со тужби, неказнети физички напади и непријателска реторика на власта.

На глобално ниво, според извештајот, условите во кои функционираат медиумите значително се влошиле во 2014 година, а новинарите во целиот свет се соочуваат со се поголеми ограничувања за слободниот проток на вести и информации – вклучувајќи и сериозни закани по животот.

Извештајот вели дека владите користат апсења и цензура на новинарите за да ја замолчат критиката, а новинарите што известуваат за вооружените конфликти и организиран криминал се цел на киднапирање и убиства. Новинарите се под удар и на богатите медиумски сопственици што ги обликуваат вестите и известувањето за да ги поддржат властите, некоја политичка партија или сопствените интереси.

„Демократските држави се борат да се справат со напливот на пропаганда од авторитарните режими и милитантните групи“, вели извештајот.

Според извештајот, слободата на печатот во 2014 година паднала на најниското ниво во последните десетина години. Исто така, забележан е најголемиот пад на годишно ниво во последната деценија. Само 14 отсто од светското население уживаат во слободни медиуми, што значи дека во нивните земји покривањето на политичките вести е робусно и обемно, безбедноста на новинарите е гарантирана, има минимално мешање на државата во медиумите, а печатот не е подложен на правни или економски притисоци.

Најголемиот пад на глобално ниво е поврзан со два фактори: усвојувањето и примената на рестриктивно законодавство, и намалените можности за локалните и странските новинари физички да пристапат и слободно да известуваат од одредена земја, вклучително и од протести или зони на воени судири.

„Парадоксално, во време на навидум неограничен пристап до информации и нови методи на претставување на содржини, се повеќе и повеќе области во светот стануваат недостапни за новинарите“, вели извештајот Слобдата на печатот 2015.

Според извештајот што покрива 199 држави и територии (оваа година беа додадени териториите Крим и Сомалиленд), 63 или 32 отсто се рангирани како Слободни, 71 или 36 отсто се Делумно слободни, а 65 (32 отсто) се рангирани Неслободни.

Просечната глобална оценка е падната за 0,74 поени, а сите региони освен суб-сахарска Африка бележат пад на просечната оценка. Пониските оценки се резултат на падот на оценката за правното и политичкото опкружување. Економското опкружување забележува најнизок пад на просечната оценка.

Извештајот Слобода на печатот 2015 е приложен на следниот линк: FreedomofthePress_2015_FINAL