Added by on 2013-11-26

MDC_Logo mkНа 6 номеври 2013 година, Владата достави до Собранието, предлог за изменување и дополнување на Законот за радиодифузната дејност (ЗРД), по скратена постапка, а со цел, ЗРД да биде усогласен со Законот за поддршка на домашната музичка продукција (Службен весник на РМ, 119/2013). Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека доставениот предлог покренува повеќе значајни прашања поради кои предложените измени и дополнувања не треба да се донесат во скратена постапка, односно спорните прашања треба да бидат повторно разгледани.

ЦРМ смета дека предложените измени на ЗРД, што се однесуваат на квотите за емитување на музика на македонски јазик и на јазиците на заедниците кои живеат во Македонија, иако се мали по обем, сепак, треба да ја поминат редовната процедура на јавни консултации. На ваков начин ќе се слушнат мислењата на сите засегнати страни, што е од исклучително значење бидејќи предложените измени воспоставуваат нови и сериозни обврски за радиодифузерите. Имајќи го предвид ова, останува нејасно зошто предлагачот односно Владата бара измените на Законот да бидат усвоени по итна постапка.

Исто така, се поставува прашањето, зошто новите предложени обврски би се однесувале само на телевизиските програмски сервиси од општ формат, а истата разлика не се прави кај радијата. Сите радиодифузери што емитуваат радио програмски сервиси се обврзани, без разлика на нивната жанровска определба, да ги почитуваат истите квоти.

Притоа, Законот за поддршка на домашната музичка продукција, изрично ги споменува само „забавната“ и „народната“ музика. Оттаму, останува нејасно како музичките радија што се строго жанровски определени и емитуваат, на пример, само џез или класична музика, ќе ги исполнат зацртаните квоти. Особено имајќи предвид дека изданијата на џез и класична музика во Македонија се екстремно ретки и можат да се избројат на прстите од едната рака. Според предлогот на Владата, типските радија се изземени од обврската за емитување на 30% програма создадена изворно на македонски јазик или на јазикот на немнозинските заедници, но не и од обврската за емитување на вокално и/или вокално – инструментална музика.

Сметаме дека е потребна соодветна интервенција во предложените решенија, со што типските радија ќе бидат изземени од обврската за емитување на наведените квоти на музика. Воедно, може да се постави и прашањето дали предложените промени се однесуваат само на забавната и народната музика, кои се експлицитно спомнати во Законот за поддршка на домашната музичка продукција, или ќе се однесуваат и на сите други жанрови.

Со овој предлог, останува определбата музичките дела што се опфатени во квотите да се дефинираат преку јазикот, а не територијата (државата) на производство, што отвара можност квотите, особено на јазиците на немнозинските заедници, да се исполнуваат и со de facto увозна продукција.Тоа е спротивно на целите на Законот за поддршка на домашната музичка продукција, а воедно и спротивно на Директивата на ЕУ која го применува принципот на потекло.

Категорија

Активности