Added by on 2013-12-22

MDC_Logo-mkЦентарот за развој на медиуми (ЦРМ) стои црвсто и непоколебливо на ставот дека на Македонија не и е потребен закон за медиуми и бара од Владата да го повлече предлог-законот кој се наоѓа во собраниска процедура.

Вчерашната задничка прес-конференција на Министерството за информатичко општество и администрација и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), и информациите дека наводно, постигнале договор за промени во предложениот закон, ги проследивме со изненадување и сметаме дека какви било разговори и преговори зад затворени врати и надвор од рамките на една сеопфатна јавна и транспарентна расправа, се неприфатливи и штетни за слободата на медиумите во Република Македонија.

Евентуалното донесување на предлог-законот за медиуми, во предвечерјето на новогодишните празници, без притоа да се земат предвид ставовите и барањата на медиумската заедница која е против вакво законско регулирање на медиумската сфера, будат сомнеж дека намерите на власта не се добронамерни и дека нејзината цел е да ја зголеми контролата врз медиумите и новинарите.

Ваквото однесување на власта дополнително ќе ги потврди констатациите на сите релевантни меѓународни организации дека во Македонија сериозно се загрозуваат слободата на изразување и слободата на медиумите.