Added by on 2013-09-13

MDC_Logo mkВо пресрет на претстојните измени во изборното законодавство, Центарот за развој на медиуми подготви Документ за јавна политика „Медиумите во изборните циклуси и потребата за измени на Изборниот законик на Република Македонија“.

Измените во изборното законодавство, дел од Мартовскиот договор помеѓу власта и опозицијата, ќе треба да ги инкорпорираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР дадени по последните предвремени Парламентарни избори 2011 година.

Дел од препораките се однесуваат и на медиумското известување за време на избори и медиумското претставување на политичките партии и кандидати што се натпреваруваат во изборите.

Фер и демократски избори се невозможни без фер, балансиран и рамноправен третман на сите учесници во изборната трка од страна на медиумите, а со цел на граѓаните да им се овозможи одлуката за кого ќе го дадат својот глас да ја донесат врз основа на вистински и точни информации.

Во процесот на изработка на документот, Центарот за развој на медиуми одржа серија состаноци со претставници на политичките партии претставени во Собранието на РМ, медиумски и новинарски организации, како и невладини организации што се занимаваат со набљудување на изборните процеси, човековите права и слободата на изразувањето.

Документот за јавна политика, подготвен во рамките на Проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, ќе биде поднесен, заедно со заклучоците од дебатата „Медиумите во изборното законодавство“, што се одржа на 12 септември 2013 година, ќе биде доставен до парламентарните партии, Владата на РМ и Министерството за правда, меѓународните организации и институции и други заинтересирани страни.

Документот за јавна политика „Медиумите во изборните циклуси и потребата за измени на Изборниот законик на РМ“ е приложен кон оваа статија.

Док. за јавна политика – Измени на Изборен законик_Сеп 2013