Added by on 2014-02-14

World Press Freedom report 2014Индексот на слободата на печатот во светот за 2014 година, објавен од Репортери без граници на 12 февруари 2014 година, ги посочи Македонија и Црна Гора како две држави во Западен Балкан во кои слободата на печатот и слободата на изразувањето продолжија да назадуваат во 2013 година.

Македонија падна нови седум места, споредено со Индексот на слободата на печатот за 2013 година, и е рангирана на 123-то место од 180 држави вклучени во истражувањето. Последниот пад значи дека Македонија назадува неверојатни 89 места во период од пет години, знаејќи дека земјата беше рангирана на 34-то место во Индексот за 2009 година.

Индексот вели дека „…иако државата се справува со реформите наменети да ја постават на патот кон членство, демократските драперии поставени последниве неколку години не се доволни да ги скријат бројните повреди на слободата на информациите“. Индексот посебно го наведува новинарот Томислав Кежаровски како симбол на таквите повреди, а го спомнува и случајот на Зоран Божиновски, кој е уапсен во Србија и чека екстрадиција во Македонија.

Индексот за 2014 година потврдува дека безбедноста на новинарите останува причина за голема загриженост во Црна Гора (рангирана на 114-то место, пад од едно место споредено со 113-тото место минатата година), држава во која истражувачкото новинарство е поразвиено и има подолга традиција отколи во некои од соседните држави. Извештајот го наведува случајот на поставување на бомба пред домот на Туфик Софтиќ, истражувачки новинар што пишива за дневниот весник „Вијести“ и за неделникот „Монитор“, и додава дека одговорот на властите на таквото насилство е минимален.

„Безмалку сите случаи остануваат неказнети, вклучувајќи го и убиството на уредниот на „Дан“ Душко Јовановиќ, кој беше застрелан на улица во 2004 година. Сторителите никогаш не беа откриени и изведени пред лицето на правдата“, вели Индексот на слободата на печатот за 2014 година.

Извештајот исто така го наведува случајот на уредничката на „Монитор“ Милка Тадиќ-Мијовиќ, која беше цел на опсцени сексистички навреди по објавувањето на уводник со наслов „Танц со диктаторот“. Извештајот посочува дека, иако случајот бил пријавен во полиција и бројот од кој е испратена една таква навредлива порака и бил даден на полицијата, никакви дејства против одговорните не се преземени.

Извештајот додава дека црногорските политичари успешно го усвоиле јазикот на институциите на ЕУ и глумат дека се подемократски од што се за потребите на меѓународната заедница која е позаинтересирана за регионалната стабилност отколку за вистински напредок во почитувањето на граѓансите слободи.

Индексот изнесува загриженост за ситуацијата во Хрватска (рангирана на 65 место, пад од едно место во споредба со претходната година), за прв пат вклучена во делот на извештајот посветен на Европската Унија. Иако ги препознава значајните промени што произлегле од процесот на преговори со Европската комисија, тој го наведува недостигот на независност на јавната телевизија ХРТ по реформите спроведени за време на мандатот на владата на левиот центар на премиерот Зоран Милановиќ. Извештајот вели дека одлуката директорот на ХРТ, членовите на назорниот одбор и управата да ги именува парламентот и дава на владеачката партија политичка контрола над емитуваната содржина.

Албанија е рангирана на 85-то место, што е напредок од 17 места споредено со претходната година и е најголем напредок во регионот. Извештајот посебно ја спомнува амбициозната програма на Социјалистичката партија на Албанија која победи на изборите во 2013 година, план што вклучува изработка на ново законодавство што ќе ја подобри транспарентноста, јакнење на независноста на јавниот радиодифузер и гарантиран пристап до информациите на државните тела за медиумите.

Што се однесува до другите држави во регионот, Србија е рангирана на 54-то место, подобрување од девет места; Босна и Херцеговина е рангирана на 66-то место, што е две позиции подобро од лани; а Косово забележува напредок од пет места и е рангирано 80-то место во светот.

Индексот за слободата на печатот за 2014 година забележува значаен пад на медиумските слободи во повеќе држави, од САД, преку Централно-афричката република до Гватемала, но и значајни подобрувања во Еквадор, Боливија и Јужна Африка.

Финска, Холандија и Норвешка повторно се на првите три места, а Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја остануваат најголемите црни дупки во информирањето на последните три места.

„Извештајот ги соочува владите со нивните обврски со тоа што на граѓанското општество му нуди објективно мерење, а на меѓународните тела им обезбедува добри показатели на кои можат да ги засноваат нивните одлуки“, изјави Кристоф Делоар, генералниот секретар на Репортери без граници.

Раководителот на одделението за истражувања на Репортери без граници, Луси Моријон вели дека врз рангирањето на некои држави, вклучително и демократски држави, влијаело и преширокото толкување и злоупотребите на концептот на заштита на националната безбедност. Додава дека индексот е одраз и на негативното влијание на воените судири врз слободата на информирањето и нејзините актери, нудејќи го примерот на Сирија, „најопасната држава за новинарите“ која е рангирана на 177-мо место од 180 држави опфатени со извештајот.

Индексот на слободата на печатот во светот за 2014 година можете да го прегледата на сајтот rsf.org.