Added by on 2020-03-02

Потребата од длабоки реформи во медиумскиот сектор на Република Северна Македонија, која постои подолго време, ако не и од неговото воспоставување, и формално беше препознаена и кондензирана во препораките на два значајни документи – во т.н. Извештај на Прибе (Препораки на групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриено во пролетта 2015 година) и Итните реформски приоритети на ЕУ.

Реформите треба да обезбедат соодветни одговори на отворените прашања во неколку области – одржливоста на медиумскиот сектор, независноста на медиумите од политички и економски притисоци, и обезбедување дека граѓаните ќе имаат пристап до квалитетни информативни, образовни и забавни/културни содржини.

Центарот за развој на медиуми, со поддршка на програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, во рамките на проектот „Мониторинг и политики за реформиран медиумски сектор“, го следи спроведувањето на медиумското законодавство од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Програмскиот совет на МРТ, како и текот на процесот на медиумски реформи. Истовремено, во рамките на проектот, ЦРМ ќе обезбеди коментари на евентуални предложени законски решенија и документи со предлози за јавни политики што ќе помогнат во постигнувањето на целите на потребните реформи.

Приоритетите во други области што за себе ги зацрта Владата, фокусот на надворешно-политички прашања и претстојните избори, придонесуваат реформите во медиумскиот сектор да се одвиваат крајно забавено, со многу доцнење од иницијално предвиденото темпо. Поради недостигот на соодветни придвижувања и напредок во процесот, ЦРМ одлучи двата квартални извештаи за 2019 година (квартал 3 и квартал 4) да ги објави во еден поголем извештај. Оој извештај го покрива периодот од 1 јули до 31 декември 2019 година.

Овој документ е подготвен со поддршка на програмата МАТРА на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија.

Целиот документ можете да го симнете на следниот линк:

Мониторинг извештај за 3-ти и 4-ти квартал за 2019 година