Added by on 2018-02-02

Вториот извештај го опфаќа периодот од 1 април до 30 септемвери 2017 година. Во тој период, медиумската заедница беше фокусирана на процесот на јавна дискусија за медиумските реформи, односно јавната дискусија за предложените измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е релевантна регулатива за работата и на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Македонската Радио-Телевизија.

Центарот за развој на медиуми ја мониторираше работата на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, со присуство на седниците на советот или преку „стримингот“ во живо достапен преку каналот на АВМУ на YouTube. Исто така, ЦРМ ги земаше предвид одлуките на Агенцијата објавени на нејзината интернет-страница, а претставници на организацијата присуствуваа и на јавните состаноци и другите јавни настани организирани од страна на регулаторното тело.

Поради тоа, наодите во Вториот извештај, пред сѐ, се однесуваат на прашањата поврзани со овластувањата на АВМУ во областа на регулирање на пристапот до пазарот, односно анализата на пазарот и доделувањето дозволи за емитување на радио и телевизиска програма. Наодите покажуваат дека сегашните овластувања и надлежности на регулаторното тело не се доволни за да обезбедат негова суверена позиција на најкомпетентен носител и спроведувач на политики во областа на аудиовизуелните медиумски услуги. Тековните активности за реформа и подобрување на законодавството ќе треба да одговори и на таа потреба.

Во периодот кој е предмет на овој извештај, ЦРМ ја следеше работата на јавниот радиодифузен сервис, односно на Програмскиот совет на МРТ, и покрај огромните потешкотии предизвикани од нетранспарентното работење на Програмскиот совет, често спротивни на јасната законска обврска дека неговите седници се јавни.

Мониторингот на работата на АВМУ и Програмскикот совет на МРТ се спроведува со финансиска поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Во рамките на програмата за мониторинг, ЦРМ редовно ја следи работата на телата задолжени за спроведување на медиумското законодавство, односно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми.

Извештајот е достапен на следниот линк: Втор мониторинг извештај за 2017 година