Added by on 2018-04-03

Центарот за развој на медиуми ја заклучи серијата од две работилници за претставници на граѓанските организации на тема „МРТ и АВМУ – Концепт, мисија, статус и влијание на јавноста врз нивното работење“ со втората работилница што се одржа на 30 март 2018 година, во Хотел „Романтик“, во Велес. Првата работилница се одржа на 28 февруари 2018 година во Скопје.

На двете работилници што ја водеше предавачот Климе Бабунски од Асоцијацијата ПРО МЕДИЈА од Скопје, на учесниците им беа претставени концептот, мисијата и статусот на јавниот радиодифузен сервис, односно неговото место во медиумскиот и радиодифузниот систем на Македонија, услугите што треба да им ги нуди на граѓаните, како и можностите за учество на граѓаните во дефинирањето на неговата програма и во управувањето со јавниот радиодифузен сервис.

Од работилницата во Хотел „Романтик“, Велес

На работилниците беше претставено и националното аудиовизуелно регулаторно тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – и нејзината улога во обезбедувањето на отворен, демократски, плурален и самоодржлив радиодифузен сектор.

На двете работилници учествуваа дваесетина организации од сите делови на Македонија што пројавија интерес во иднина да се вклучат во различни активности за влијание врз јавниот радиодифузен сервис, во обидите тој да стане пореспонсивен за потребите на граѓаните во вршењето на својата мисија да информира, забавува и едуцира.

Центарот за развој на медиуми ќе смета на организациите што учествуваа на двете работилници во своите идни активности, како поддршка за политиките и решенијата што ги развива во својата секојдневна работа, како и во собирањето на мислења и сугестии за можните идни решенија и политики што ќе обезбедат развој на радиодифузниот медиумски сектор во државата.

Од работилницата во Скопје