Added by on 2014-08-08

CRM_Monitoring na spoveduvanje na mediumskoto zakonodavstvo_Avgust 2014_COVER

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во периодот од март до јули 2014 година, следејќи ја примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) и Законот за медиуми (ЗМ), ја набљудуваше работата на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), на Собранието на Република Македонија, на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), како и на Македонската радиотелевизија (МРТ).

Во овој период на мониторинг, јавниот радиодифузен сервис остана најнетранспарентната и најзатворената институција чија работа ја набљудува ЦРМ. Дури и кога станува збор за слободниот пристап до информации од јавен карактер, Македонската радиотелевизија се однесува рестриктивно. Бројот на расположливи документи на интернет-страницата на МРТ, покажува целосна затвореност и нетранспарентност во нејзиното работење, а укажува и на фактот дека јавниот радиодифузен сервис не го задоволува ниту минимумот меѓународни стандарди за јавност во работењето.

МИОА мора во најскоро време да предложи законски измени кои ќе обезбедат финансиска независност на јавниот радиодифузен сервис. ЦРМ смета дека буџетот на РМ не може да биде извор на дополнително финасирање на МРТ.

Мониторингот покажа дека Собранието го надмина законскиот рок за именување на членовите на Советот на АВМУ, односно, наместо утврдените предлози од Комисијата за прашања на изборите и именувањата да ги потврди во рок од 30 дена, законодавниот дом, тоа го направи со задоцнување од речиси две недели.

Недозволиво е суштинско менување на законите да се прави по скратена постапка и без каква било најава и консултација со стручната и пошироката јавност, како што тоа беше случај со последните измени на Законот за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, од 3 јули 2014 година.

Новиот состав на Советот, го прекрши Законот уште на својата конститутивна седница, бидејќи усвои 4 подзаконски акти, без при тоа да ја испочитува законската обврска, нацртите на овие документи да ги објави на интернет страницата на АВМУ и да обезбеди најмалку 30 дена за јавна расправа, односно време за сите заинтересирани страни да поднесат евентуални коментари и забелешки. ЦРМ смета дека АВМУ мора да го почитува Законот и сите правни акти навремено да ги објавува на својата интернет страница пред тие да бидат усвоени

Иако финансискиот план на Агенцијата е објавен  со уредно поделени буџетски ставки, тоа не е сосема доволно и препорачуваме АВМУ да ги објави и нето месечните надоместоци на сите членови на Советот, како и платите на директорот и заменик директорот. Јавноста има право да знае со колкав квантум јавни пари во текот на месецот или годината, располага секој избран или именуван функционер бидејќи целосната финансиска транспарентност е едно од основните начела на одговорното и отчетно вршење на јавните овластувања.

АВМУ е нетранспарентна кога станува збор за орочување финансиски средства, бидејќи јавноста мора и треба да знае како и за што се употребуваат јавните пари. Дополнително, се наметнува дилемата, дали е во ред, пред сѐ од морален и етички аспект, да се орочуваат финансиските средства со кои располага Агенцијата, како независно, самостојно и непрофитно регулаторно тело.

Сериозна аномалија во однос на јавноста на седниците на Советот се случаите кога за време на седниците, од нејасни причини, медиумите и останатите присутни се замолени да ја напуштат салата. ЦРМ предлага со новиот деловник прецизно да се предвидат случаите во кои може да се отстрани јавноста од седниците на советот. Ставот на ЦРМ е дека треба да постои целосна отвореност, транспарентност и отчетност во работата на Агенцијата.

ЦРМ овој мониторинг го спроведува во рамките на Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, Проект за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера. Комплетниот извештај од мониторингот може да го прочитате на следниот линк ЦРМ_Мониторинг на спроведување на медиумското законодавство_Август 2014