Added by on 2013-05-29

BDD_8673Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) на конференцијата на тема „Иднината на медиумската регулатива во Македонија“, што се одржа минатиот понеделник, 27 мај 2013 година, во хотелот „Александар палас“ во Скопје, ја претстави Анализата на Нацрт-Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски сервиси, подготвена во рамките на програмата на УСАИД за  одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера.

Нацрт-Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, предложен од Министерството за информатичко општество и администрација, наиде на остри критики од еден голем дел на медиумската заедница во Македонија, поради својата содржина и проблематичните одредби, но и поради проблематичната процедура за негово усвојување и прекратките рокови што беа дадени за јавна дебата по предложениот нацрт.

Мајкл Стајвотер (Michael Stievater), Директор на програмата за демократија на УСАИД во Македонија, во поздравното обраќање на отворањето на конференцијата, им се заблагодари на присутните за нивната желба да ја искористат можноста да разговараат за добрите и лошите страни на предложениот Нацрт-Закон за да дојдат до предлози и решенија што ќе бидат прифатливи за пошироката медиумска заедница во Македонија.

Стајвотер ја нагласи посветеноста на УСАИД на развојот на слободата на изразувањето и независните медиуми во Македонија. Додаде дека слободата на изразувањето, демократски принцип заштитен и гарантиран во Првиот амандман на Уставот на САД, е директно поврзана со слободата на печатот, затоа што, како што рече, таа ги вклучува и правото да се говори и правото да се биде слушнат.

„Нацрт-законот пред нас, за прв пат воведува регулаторна рамка за печатените медиуми и медиумите на интернет. Значајно е денес, меѓу другото, да разговараме и за тој концепт затоа што тој ги поставува стандардите за иднината на изразувањето. Сигурен сум дека сте свесни за бројните извештаи за состојбата во која се наоѓа слободата на изразување во Македонија. Некои од нив изразија загриженост и тоа е прашање со кое земјава ќе мора да се справи“, рече Мајкл Стајвотер и на учесниците им посака плодна расправа и успех во напорите за подобрување на правното опкружување за медиумите во Македонија.

Заменикот на Претседателот на на Владата на РМ за европски прашања Фатмир Бесими го поздрави ангажманот на, како што рече, една толку важна тема за македонското општество и македонската демократија – медиумската регулатива и слободата на изразување како демократска вредност во Македонија гарантирана со Уставот и со меѓународните конвенции.

Бесими исто така го нагласи значењето на дијалогот за сите отворени прашања помеѓу сите заинтересирани страни, без оглед што ставовите и политиките можеби се разликуваат. Таквиот дијалот, посочи тој, доведе и до продолжување на рокот за јавна дебата по нацрт-законот.

„Тоа е доказ дека кога разговараме, можеме да дојдеме до решение и до нови можности. Една од тие можности е претставниците од разни асоцијации да го дадат својот придонес преку коментарите за овој закон“, изјави Бесими во своето обраќање на отварањето на конференцијата и додаде дека нацрт-законот, подготвен во соработка со експерти од ТАИЕКС, е испратен и на експертиза во Советот на Европа и ОБСЕ.

„Тоа што исто така е значајно, и што сметаме дека може овој период да го направи продуктивен, се коментарите што доаѓаат од ваша страна да се достават до министерството за информатичко општество, каде ќе бидат разгледаат и потоа, исто така во консултации со експерти од ЕУ, ќе се добие нов нацрт што транспарентно ќе биде презентиран пред претставниците на оваа област“, додаде Бесими и ги повика сите заинтересирани страни да ја искористат можноста да ги дадат своите коментари затоа што „единствениот начин за подобрување на текстот и доаѓање до адекватно решение е дијалогот и градењето на меѓусебна доверба“.

Ејми Бруилет (Amy Brouillette) од Централноевропскиот Универзитет од Будимпешта ги претстави унгарските искуства со носењето на тамошниот рестриктивен закон за медиумите, а Бојко Боев од организацијата ARTICLE19 од Лондон го пренесе своето гледање на предложениот Нацрт-Закон.

Боев нагласи дека е значајно нацртот да се согледа од аспект на реформите на медиумското законодавство во земјите од Источна Европа и, поспецифично, од Југоисточна Европа.

„Знаете дека медиумските закони во ЈИЕ се наоѓаат во постојан процес на ревизија и реформа. Сепак, Македонскиот нацрт-закон е исклучителен пример на „супер-закон“ со нова мега-регулаторна агенција за медиумите, што не е видено во соседните земји“, изјави Боев.

Според Боев, законот содржи многу проблематични решенија и најави дека ќе побара од АРТИКЛ19 да превземе активности со кои загриженоста за проблематичните решенија ќе ги претстави на меѓународно ниво.

Програмскиот директор на ЦРМ Роберто Беличанец даде еден генерален осврт кон Нацрт-Законот, а Љубица Караманди, Координатор на правната програма во ЦРМ детално ја претстави Анализата на Нацрт-Законот за медиуми и аудиовизуелни услуги (целиот текст на Анализата можете да го пронајдете на овој линк).

Во својот осврт за тоа „Што му недостига на овој закон“, Петрит Сарачини од МИМ посочи дека за овој Нацрт-Закон не е подготвена соодветна проценка на влијанието на регулативата (Regulatory Impact Assessment), иако, како што рече, на претставувањето на инструментот во 2009 година, од владата било кажано дека „секој системски закон, секој закон со „европско знаменце“ ќе мора да помине низ тој процес“.

Своите забелешки за Нацрт-Законот за медиуми ги изнесоа и Насер Селмани, во името на Здружението на новинари на Македонија, Тамара Чаусидис пред Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ) и Билјана Петровска во името на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис зборуваше за искуствата со регулирање на интернет просторот. (Погледнете ги анализата на Нацрт-законот на ЗНМ и анализата на нацрт-законот подготвена од ССНМ).

Стојановски, во своето излагање, повтори дека не постои потреба од усвојување на еден ваков закон, затоа што најголемиот број од темите и прашањата што ги покрива се веќе покриени со постојни закони.

„Нормално е интернет да се смета како дел од реалноста, а не како виртуелна реалност. Сите права што ги имаме како граѓани офлајн, ги уживаме и онлајн, вклучително и правата што се однесуваат на слободата на говорот“, рече Стојановски и додаде дека истото се однесува и на законските обврски во онлајн и офлајн светот.

Мора да спомнеме дека, иако Министерството за информатичко општество и администрација беше покането, и ја прифати поканата, да испрати претставници што ќе го претстават Нацрт-законот, неговата визија и филозофија, конечно решија да не ја искористат можноста што им беше понудена.

Категорија

Активности