Added by on 2013-09-26

majority-starts-hereДокументарниот филм „Мнозинството почнува тука“, приказна за шест млади луѓе од републиките на поранешна Југославија – Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово (без Словенија) кои патуваат низ регионот во обид да откријат колку знаат за блиското минато, ја имаше својата премиера сношти, 25 септември 2013 година, во Кинотеката на Македонија во Скопје.

Шестмината млади луѓе, патувајќи низ поранешна Југославија, откриваат на кои сé начини конфликтите од минатото влијаат врз нивните животи денес, соочувајќи се со етничките тензии, предрасудите. Истовремено, се обидуваат да пронајдат начин за надминување на тие предрасуди и тензии за да си обезбедат подобра иднина.

Според директорката на БИРН Гордана Игриќ, шестте протагонисти сепак сфатиле дека „поделбите меѓу луѓето сѐ уште се многу силни, но, не земаат оружје за да го решат проблемот“.

Ана Петрушева од БИРН најави и дека од снимениот материјал е направена серија од пет делови, што во Македонија ќе се емитува на програмите на ТВ 24 Вести, почнувајќи од денес, 26.09.2013 година.

По вчерашната премиера во Скопје, филмот денес ќе ја има премиерата во Белград и Сараево. Премиерата во Приштина е закажана за 2 октомври, на 3 октовмри филмот ќе се прикажува во Загреб, а на 7 октовмри премиерно ќе биде прикажан во Нови Сад.

Филмот на белгискиот режисер Лоде Десмет, во продукција на Балканската мрежа за истражувачко новинарство БИРН, е дел од проектот Балканска транзициска правда, фокусиран на подобрување на јавното разбирање на прашањата поврзани со транзициската правда во БиХ, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово.