Added by on 2017-07-13

Policy doc. scen_naslovna_mkКризата на традиционалните „мејнстрим“ медиуми што со себе ја донесе појавата на интернет – намалувањето на приходите од продажба на рекламен простор, но и демократизацијата и либерализацијата на каналите за дистрибуција на содржини –негативно се одразуваат на квалитетот на известувањето и на степенот на почитување на професионалните стандарди и етика на новинарската професија и медиумското известување.

Во ситуација во која новинарската работа станува се поненесигурна и нестабилна, стандардите на професијата се први што страдаат. Новите актери на интернет што официјално не ги прифаќаат, и не се чувствуваат обврзани да ги прифатат и почитуваат професионалните принципи и правила на новинарската професија, а притоа имаат рамноправен пристап до истата публика, дополнително го подриваат кредибилитетот на целата индустрија на известување кај јавноста. Притоа, јавноста, во потрагата по вести и информации, не мора нужно да прави разлика помеѓу новинарите од традиционалните „мејнстрим“ медиуми и граѓанските новинари, блогери и други актери на интернет.

Во Македонија, кризата на одржливост на медиумите на презаситениот пазар дополнително беше засилена со постоечките длабоки политички поделби во општеството и на медиумската сцена, но и со фокусираните напори на владејачката партија за воспоставување контрола врз што повеќе медиуми, особено врз највлијателните национални радиодифузери преку претворање на нивните сопственици во свои клиенти. Таквата контрола резултираше во трансформација на голем број редакции во гласноговорници на владејачката партија, за сметка на професионалните стандарди на медиумското известување. Тука не треба да го заборавиме и фактот дека голем број медиуми на интернет беа основани со специфична задача да даваат поддршка на една или на друга страна, вклучително и постојани меѓусебни обвинувања за кршење на стандардите и предавство на професијата.

Македонија се соочува со прашањата како да се обезбеди почитувањето на стандардите на новинарската професија и медиумското известување; и кои инструменти – саморегулаторните, корегулаторните или регулаторните – треба да се применат за да се обезбеди објективно известување на јавноста?

Целта на овој документ не е да ги редефинира или толкува новинарските стандарди. Тоа е задача и обврска на новинарската и медиумската заедница. Овој документ се обидува да даде преглед на постоечките пракси во демократските земји во кои постои слобода на изразувањето и медиумите и да понуди можни (само)регулаторни решенија што ќе обезбедат поконзистентна и поцелосна примена на постоечките стандарди за однесување на новинарската професија и стандардите за медиумска етика.

Документот е достапен, во ПДФ формат, во прилог на оваа статија.

Професионалните стандарди помеѓу саморегулацијата и регулацијата