Замрзнувањето на сметките – силен удар врз слободата на информирање
Последната одлука за замрзнување на сметките на „ТВ А1“ и дневните весници „Време“, „Шпиц“ и „*** Е РЕ“ претставува силен удар врз целата медиумска сфера и сериозно ги загрозува основните демократски принципи на кои се базира македонското општество. Оваа одлука ги оневозможува медиумите непречено да ги извршуваат своите професионални должности и да ја информираат јавноста.
Имајќи ја предвид важноста на слободното информирање и слободата на говорот, бараме од институциите на системот да изнајдат начин и да овозможат непречено фунцкионирање на овие медиуми додека трае истрагата за случајот „Пајажина“. Улогата на медиумите во демократските општества е од непрoценливо значење, а ваквите ригорозни мерки оставаат простор за сомнеж дека во целиот случај инстутициите се однесуваат селективно и се политички мотивирани.
Центарот за развој на медиуми и НВО Инфоцентарот безрезервно ги поддржуваат сите медиумски работници засегнати од ваквата одлука и ги повикуваат на истрајност и доследност во исполнувањето на нивните професионални задачи во согласност со новинарските стандарди.
Воедно, апелираме до сите страни засегнати од овој случај да се воздражат од изјави и постапки кои дополнително би ја влошиле тешката состојба во која се наоѓа македонското општество.
Со почит,
Центар за развој на медиуми
НВО Инфоцентар