Според договорот што водечките политички партии го постигнаа во јули 2016 година (финализиран на 31 август 2016), Македонија ја очекуваат итни измени на медиумското законодавство. Лидерите на четирите партии прифатија во првите шест месеци по изборите да изготват измени во медиумското законодавство со кои ќе се интегрираат „Итните реформски приоритети“ и „Препораките на Групата на искусни експерти за системските прашања за Владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015“, попознат како „Извештајот на Прибе“.
Препораките на „Извештајот на Прибе“ точно ги лоцираат проблемите во медиумскиот сектор во Македонија, односно, влијанието на политиката врз медиумите и редакциите, пред сѐ, во форма на економски и правосуден притисок, како и недоволната независност и транспарентност на регулаторните тела и на јавниот радиодифузен сервис.
Препораките од „“Извештајот на Прибе““ послужија и како основа за иницијативата на група граѓански организации за подготовка на таканаречениот „Блупринт за итни демократски реформи“, кои дополнително ја доработија и проширија листата на области во кои се потребни промени.
Прво, во спроведувањето на препораките, односно во подготовката на решенијата што ќе овозможат нивно преточување во законски текст, листата од осум препораки наведени во “Извештајот на Прибе“ не треба да се смета за исцрпена и затворена, туку треба да се разгледаат сите можности што ќе овозможат медиумскиот систем во државата да се ресетира и да се придвижи кон вистинска слобода, плурализам, отвореност и самоодржливост.
Второ, независно од изјавите дадени во текот на изборната кампања, целиот процес на реформирање на медиумскиот сектор, било да се работи за интервенции во законодавството, било да се работи за оние аспекти што вообичаено се решаваат преку саморегулаторни инструменти, мора да биде отворен, инклузивен и со соодветна и широка јавна дебата. Значењето на медиумите за развојот на демократското општество бара, за прашањата што се однесуваат на слободата на медиумите, да се слушне гласот на сите чинители и засегнати страни во општеството. Впрочем, некои од проблемите што ги имаме во постоечкото законодавство се последица од крајно нетранспарентниот, затворен процес на неговото усвојување, вклучувајќи и претежно фингиран процес на јавна расправа за предлозите.
Конечно, внимание ќе мора да се посвети и на оној дел од реформите што нема да можат да се решаваат со интервенции во законодавството. Медиумската заедница -медиумите, сопствениците, новинарите и медиумските професионалци – треба да вложат максимални напори за самоорганизирање во вистински и активни професионални или деловни асоцијации, како основа за воспоставување на ефективен систем за саморегулација, не само на професионалните новинарски стандарди, туку и во другите области на медиумското работење како што се однесувањето на пазарот, рекламирањето и огласувањето, заштита на конкуренцијата, итн.
Целиот текст на анализата е достапен во ПДФ формат на линкот подолу.
Реформа на медиумската сфера – Препораките на Прибе и дополнителни прашања