Центарот за развој на медиуми, во рамките на своите активности, а со финансиска поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), редовно ја следи работата на телата задолжени за спроведување на медиумското законодавство, односно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми.
Центарот за развој на медиуми ја мониторираше работата на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, со присуство на седниците на советот или преку „стримингот“ во живо достапен преку каналот на АВМУ на YouTube. Исто така, ЦРМ ги земаше предвид одлуките на Агенцијата објавени на нејзината интернет-страница, а претставници на организацијата присуствуваа и на јавните состаноци и другите јавни настани организирани од страна на регулаторното тело.
Во периодот кој е предмет на овој извештај, ЦРМ ја следеше работата на јавниот радиодифузен сервис, односно на Програмскиот совет на МРТ, и покрај огромните потешкотии предизвикани од нетранспарентното работење на Програмскиот совет, често спротивни на јасната законска обврска дека неговите седници се јавни.
И во овој период врз работата на двете мониторирани институции и нивните раководни и управни тела влијаеше фактот дека се очекува со усвојувањето на Предлоg-Законот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да почне подолгиот период на медиумски реформи во Македонија.
Промената на персоналниот состав и на Советот на АВМУ, и на Програмскиот совет на МРТ, и начинот на нивниот избор се главни цели на законските измени, поради нивното однесување за време на владеењето на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Впечаток е дека членовите на двете тела се трудат работите да ги вршат многу послободно и со демонстрација на многу повеќе компетенција, за да го подобрат општиот негативен впечаток од нивната работа.
Овој документ ги содржи извештаите за последниот 4-ти квартал од 2017 година и 1-от квартал од 2018 година, односно го покрива периодот од 1 октомври 2017 до 31 март 2018 година.
Документот е приложен на следниот линк Трет мониторинг извештај за АВМУ и МРТ – Трет квартал од 2017 и четврт квартал од 2018 година
Овој документ е подготвен со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.