Added by on 2015-04-20

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), подготви документ за ефектите од новата законска регулатива во сферата на медиумите во Република Македонија, една година по стапувањето во сила на новите закони.

Со овој документ ЦРМ сака да поттикне јавна дискусија за квалитетот на медиумските закони, за нивното влијание врз слободата на медиумите, но уште повеќе, за тоа каков медиумски систем ѝ е потребен на Република Македонија, кој ќе обезбеди слобода на медиумите и слобода на информирањето.

Документот претставува пресек на клучните прашања што произлегуваат од Законот за медиуми (ЗМ) и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ), кои беа донесени на 25 декември 2013 година, како и на четирите измени и дополнувања во текот на 2014 година.

Законот за медиуми беше усвоен и покрај противењето на поголемиот дел од медиумската заедница. ЦРМ, како еден од противниците на носењето на закон за медиуми, сметаше и сè уште смета дека таквиот закон е непотребен и дека некои  прашања што треба да се регулираат, можеа да се вградат во постојната законска регулатива. Токму затоа, делот посветен на Законот за медиуми, нуди подетален правен осврт на некои одредби кои не само што се спорни, туку можат да бидат и штетни за слободата на медиумите и слободата на информирање во земјата.

За потребите на овој документ беа користени подзаконските акти и правилниците, донесени од  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оние кои се однесуваат на нејзината работа и ингеренции, како и на работата на медиумите во државата. Едновремено, беа користени и други документи, анализи и извештаи на домашни и странски граѓански организации кои се занимаваат со мерење на перцепцијата на слобода на медиумите, безбедноста на новинарите, слободниот проток на информации, пристапот до информации од јавен карактер, регулирањето на радиодифузниот простор, улогата и задачата на регулаторните тела преку изборот на членовите во тие тела, нивните овластувања и нивниот придонес кон плуралистичкиот амбиент во земјата.

Исто така, беа направени и интервјуа со сопственици на медиуми, уредници, новинари и други медиумски работници, како и претставници на рекламни агенции и медиумски експерти. Нивните ставови и мислења ги пренесуваме без посочување имињата.

Целосниот документ можете да го погледнте тука.