Added by on 2013-07-08

BDD_8456Роберто Беличанец (1972 – 2013), основач, долгогодишен претседател, програмски директор и spiritus movens на Центарот за развој на медиумите, почина, како последица од тежок срцев удар, минатата сабота, 29 јуни, 2013 година.

Беше новинар, уредник во неделникот „Фокус“, активист на полето на медиумските политики и слободи, аналитичар на истите тие политики но и на нашето тегобно и тажно секојдневие.

Беше неуморен борец против неправдите, аналитичар на политчките и општествените состојби во Македонија, остар на јазик и перо, бескомпромисен во јавните дебати, но секогаш со неспорни аргументи во борбата против сите штетни политики наметнувани од овие и сите поранешни власти во Македонија.

Беше вистинска подвижна енциклопедија за медиумските прашања. Неговата страст, посветеност и визија, уште долго ќе ги одредуваат идните активности на Центарот за развој на медиуми, како што ги одредуваа и досега.

Проблемите во медиумската сфера во државава остануваат, и му должиме на Роберто да дадеме се од себе да работиме на тоа Македонија да добие уреден медиумски простор во кој медиумите ќе можат слободно, без какви било притисоци, да ја вршат својата функција, толку значајна за секое демократско општество.

На нас, во Центарот за развој на медиуми, сега останува да се обидеме, толку колку што сме кадарни и колку што можеме, да ја надоместиме оваа загуба, која за волја на вистината е ненадоместива, и да ја пополниме празнината што неговото прерано заминување од овој свет ја остави зад себе.

Од тимот на Центарот за развој на медиумите

Категорија

Uncategorized