Added by on 2015-12-15

Центарот за развој на медиуми подготви нов документ за јавна политика со неколку предлози за законски измени што би овозможиле фер и рамноправно медиумско претставување на изборните кампањи.

Медиумското покривање на изборните кампањи на безмалку сите избори одржани во Република Македонија од прогласувањето на независноста е предмет на бројни критики и незадоволство. Нерамноправниот третман на сите кандидати и партии што учествуваат во изборите, пристрасноста кон една или друга партија во известувањето за нивните изборни кампањи, како и однесувањето во периодите на изборен молк постојано се повторуваат како негативности што треба да бидат исправени во извештаите на домашните и меѓународните набљудувачи на изборните процеси во РМ.

Последните измени на Изборниот законик, од јануари 2014 година, содржеа и промени на повеќе одредби што се однесуваат на медиумското претставување на изборните кампањи, со цел да обезбедат фер и избалансирано медиумско претставување и известување за изборните кампањи и кандидатите што се натпреваруваат во изборите. Центарот за развој на медиуми подготви свој документ за јавна политика со неколку предлози за законски измени што би овозможиле фер и рамноправно медиумско претставување на изборните кампањи. За жал, тогашните предлози на ЦРМ главно беа одбиени.

Извештаите на домашните и меѓународните набљудувачи повторно беа наведени недостатоци и проблеми во медиумското претставување на изборните кампањи. Прелиминарниот Извештај на Меѓународната мисија на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на Претседателските избори и на предвремените Парламентарни избори во 2014 година, повторно утврди серија неправилности. Извештајот забележува дека мнозинството медиуми биле пристрасни кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот кандидат за претседател Ѓорѓе Иванов, дека ВМРО-ДПМНЕ е најголем купувач на рекламен простор, како и недостиг на квалитативна анализа на известувањето во извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во мај 2014 година, го објави извештајот од мониторингот на изборите 2014, посветен на примената на медиумските одредби од Изборниот законик. Во овој документ беа претставени наодите од мониторингот на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и на Државната изборна комисија (ДИК), за време на претседателските и вонредните парламентарни избори кои се одржаа во април 2014 година.

Извештајот понуди повеќе заклучоци и препораки чија цел е да го подобрат изборното законодавство во делот на медиумското претставување, но и да ја подобрат работата на АВМУ и на ДИК за време на идните изборни процеси во Република Македонија.

Во насока на подобрување на изборното законодавство кое се однесува на медиумите, тимот на Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) спроведе и подлабинско истражување за различни аспекти од изборниот процес и работата на медиумите за време на избори. Целта на ова истражување беше да се соберат различни мислења и препораки од експерти во областа на медиумите и на изборниот систем.

Документ за јавна политика: Медиумите во изборното законодавство