Added by on 2024-04-08

Традиционалните, мејнстрим медиуми, како и новите производители на информации на интернет треба да вложат повеќе напори и средства во структурирана проверка на фактите и информациите и во верификацијата на изворите што ги користат во известувањет. Тоа е главниот заклучок на панел дискусијата „Верификација на изворите и информациите во борбата против дезинформациите и медиумските манипулации“ што се одржа на 3 април 2024 година, во организација на Центарот за развој на медиуми.

Повод за организирање на панел-дискусијата беше објавувањето на „Прирачникот за верификација за дезинформации и медиумски манипулации“, издание на Европскиот новинарски центар, на македонски и на албански јазик. Прирачникот, кој содржи практични упатства и примери за проверка на кредибилитетот и интегритетот на изворите на информации на интернет – информативни интернет страници, профили и страници на социјалните мрежи – беше преведен со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.

На отворањето на панел-дискусијата, раководителката на Одделот за односи со јавност на Амбасадата на САД во Скопје, Долорес Прин, истакна дека, наспроти превладувачкото мислење во јавноста, дезинформациите не се само прашање што ги засега медиумите. Таа посочи дека во хаотичната сегашност, покрај точноста на информациите, подеднакво значајно е да се утврди и каква е намерата зад објавувањето на информацијата.

„Кои се изворите и што зошто ви го кажуваат тоа што ви го кажуваат? Можете ли да им верувате на изворите? Зошто вашата публика треба да ви верува? Токму поради тоа овој прирачник е толку значајна алатка и потсетник дека не треба да ја проверуваме само точноста, туку и интегритетот на информациите“, рече Прин.

Крег Силверман, новинар и истражувач во Про-Публика и уредник на изданието, ја претстави серијата прирачници за верификација, наменети да им помогнат на новинарите и уредниците полесно да се занимаваат со „дисциплината на верификација“ во новата хаотична дигитална средина.

„Првите два прирачници ја поставија основата, а овој прирачник (трет во серијата) што беше објавен во 2020 година, е фокусиран на практичните можности, што можете да направите за да истражите, раскринката или направите проверка на фактите. Таа оди длабоко во обработката на многу техники и приоди што новинарите, проверувачите на факти и други луѓе можат да ги користат за да ги истражуват платформите, корисничките сметки или можни неавтентични активности“, кажа Силверман.

Билјана Георгиевска, извршната директорка на Советот за етика на новинарите во Македонија (СЕММ) ги сподели своите искуства од работа во голема меѓународна редакција како што е редакцијата на БиБиСи на македонски јазик, со работата во мал локален онлајн-медиум во Северна Македонија. Георгиевска посочи дека БиБиСи има цела книга внатрешни правила што ги содржи сите ситуации во кои можат да се најдат новинарите во својата работа, па се знае што треба да се провери, како да се утврди кредибилитетот и веродостојноста на изворите, и колку долго и како треба да се чуваат белешките и новинарските тетратки, и како доказ за објавеното и за идни референци.

„Малите редакции немаат капацитет за таква проверка. Брзината е поважна од точноста на информацијата. Затоа и ни требаат повеќе вакви прирачници. И ние во СЕМM подготвуваме такви прирачници за да им помогнеме на колегите да не се изгубат“, рече Георгиевска, посочувајќи на потребата од постојано надградување и на новинарските вештини и на достапните материјали.

Георгиевска исто така посочи дека, наспроти фактот дека новинарите треба да објавуваат само проверени информации – а ако нешто не можат да потврдат тоа мора јасно да го кажат – што е основата на член 1 од Кодексот на новинарите, прекршувања на тој член се најчестата основа на поднесените жалби од граѓаните до Комисијата за жалби на СЕММ. Таа посочи и на загрижувачкиот однос на медиумите што одбиваат да ги признаат и корегираат грешките, и додаде дека очигледно треба да се работи со редакциите во прифаќањето на новите техники и пристапи во сите аспекти на новинарската работа.

„Ако тие не сакаат да дојдат кај нас, можеби треба ние да појдеме кај нив и да разговараме со нив“, рече Георгиевска.

Владо Петревски, уредник во Вистиномер.мк, организација за проверка на факти што функционира во рамките на Фондацијата Метаморфозис, понуди серија примери од практичната работа на верификацијата и проверката на факти и потврди дека е тешко да се натераат редакциите, новинарите и уредниците, да ги признаат или да ги поправат грешките.

„За разлика од традиционалните медиуми, печатот и телевизијата, каде новинарскиот производ по објавувањето е неменлив, на интернет исправките на грешките се многу поедноставни. Па сепак, имате отпор, велат, ‘ама како ќе менуваме’. Големите медиуми коригираат постојано и од тоа не треба да се плашиме. Овде луѓето сметаат дека не смеат да се прават корекции, дека е непрофесионално отпосле да се менува или да се бришат содржини“, рече Петревски.

Петревски додаде и дека недостигот на капацитети за архивирање, односно неможноста на малите редакции да инвестираат во соодветни архиви, се подеднакво штетни, затоа што се губи можноста за реферирање на претходно објавени материјали. Конечно, тој спомна дека структурираната проверка на факти во редакциите, што била нормална појава и кај нас, се изгубила поради самиот модел на функционирање, каде што покрај брзината, се инсистира на огромни количини постојано нови информации. Тој потврди дека, освен во неколку онлајн медиуми што се занимаваат со истражувачко новинарство, таквата пракса на структурирана проверка на факти скоро да не постои.

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) говореше за потребата мејнстрим медиумите поактивно да се вклучат во борбата против дезинформациите. Го посочи примерот на емисијата „Полиграф“ што ИМА ја произведува во соработка со националната терестријална телевизија „Алсат“, додавајќи дека за локални прилики релативно високата гледаност потврдува дека постои потреба од такви содржини на мејнстрим медиумите. Додаде дека работата на неколку невладини организации што работат на проверка на факти е за пофалба, но дека нивните производи го немаат потребниот досег и влијание.

„Зошто мејнстрим медиумите треба да се вклучат во борбата против дезинформациите. Затоа што ‘индустријата за дезинфомации’ ја поткопува нивната егзистенција. Голем број истражувања и студии, на пример студијатана Институтот Ројтерс од Оксфорд, укажуваат на бегање и дистанцирање на публиката од мејнстрим медиумите, од идеолошки причини, поради постоењето на „когнитивна пристрасност“ или од финансиски причини. Публиката заминува на медиуми кои не се професионални, кои имаат тенденција да шират дезинформации и манипулации. Ако ја изгубите публиката, ги губите парите од реклами со кои ќе ја финансирате редакцијата. Значи, ова не е борба на неколку НВО или неколку институции. Мејнстрим медиумите треба да се свесни дека дезинформациите ја поткопуваат нивната егзистенција. И тоа е факт што постојано го повторуваме“, рече Сарачини.

Претставниците на ЦРМ најавија и дека планираат да продолжат со локализирање на серијата прирачници на македонски јазик (ова е втор прирачник од серијата преведен на македонски), како и на други корисни материјали што ќе помогнат новинарите подобро да ја вршат својата должност да ја известуваат и информираат јавноста.

Прирачникот е достапен на македонски и на албански јазик на интернет страната на Центарот за развој на медиуми, како и на интернет страната на Европскиот новинарски центар.