Added by on 2013-07-18

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани

Центарот за развој на медиуми, Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Македонскиот институт за медиуми денес, 18 јули 2013 година, на конференција за печатот што се одржа во Клубот на новинарите во Скопје, го изразија своето несогласување со Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што Владата на РМ го поднесе до Собранието на усвојување минатиот понеделник, на 15 јули.

Следи целиот текст на изјавата, што за медиумите ја прочита претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Новата медиумска регулатива, која неделава беше усвоена во Владата, Предлог-Законот за медиуми и Предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не се во духот на европските стандарди. Владата не успева да ги вгради суштинските забелешки на домашните и меѓународните институции.

И покрај поделбата на првично предложениот Закон за медиуми на два нови закони, останува решението Агенцијата за медиуми да ги регулира сите видови медиуми. Тоа е во спротивност со препораките на експертите на Советот на Европа и ОБСЕ, кои препорачуваат да се напушти идејата во законот да има единствен регулаторен режим за сите видови медиуми. За различни медиуми треба да се применува различен степен на регулација.

Останува загриженоста околу независноста на регулаторното тело, Агенцијата за медиуми. Иако има зголемување на учеството на цивилниот сектор во предлагањето на членовите на Советот на Агенцијата, сепак мнозинството од неговите челнови ги предлагаат политички институции, Собранието и ЗЕЛС. Не е прифатена сугестијата на експертот на Советот на Европа номинацијата и изборот на членовите на Советот од Комисиијата за избори и именувања да се врши со двотретинско мнозинство.

Уште посилно политичко влијание има околу номинацијата на членовите на Советот на Македонската радиотелевизија. Од 13 членови на Советот, десет предлагат политички и јавни институции. Со тоа се намалуваат шансите МРТ да прерасне во вистински јавен сервис на граѓаните.

Не е земена во предвид ниту забелешката за бришење на дефиницијата новинар, која според експертите може да има ограничувачки ефект врз слободата на изразувањето. Не е запазен принципот на пропорционалност во делот за казнените одредби и не е регулирано прашањето за исправка и одговор согласно Европската директива за аудиовизуелни услуги.

Поради овие причини сметаме дека Владата треба да го повлече Предлог законот за медиуми, затоа што нема никаво образложение и потреба за тоа, а Предлог законот за аудио и ауидовизуелни медиумски услуги да се корегира согласно забелешките на домашните и странските институции.“

Видео снимки од денешната конференција за печат можете да погледнете во извештајот на страната на интернет телевизијата А1он.мк.

Категорија

Активности