Added by on 2018-07-20

Вториот Извештај на Прибе, односно „Оценките и препораките на групата искусни експерти за прашања поврзани со владеењето на правото од 2017 година“, во фокусот на идните медиумски реформи го става јавниот радиодифузен сервис, односно обезбедувањето на неговата финансиска и уредувачка самостојност.

Центарот за развој на медиуми веќе подолго време се залага за надминување на еден пропуст што никогаш во изминатите скоро три децении на независност не се обидовме да го надоместиме. Тоа е потребата, кога зборуваме за реформа на јавниот радиодифузен сервис, Македонската радио-телевизија (МРТ), да спроведеме вистинска и сеопфатна јавна расправа која ќе ги опфати сите групи и интереси во општеството, стручната и академската јавност и граѓаните. Таквата расправа треба да ни помогне во мапирањето на потребите што МРТ треба да ги задоволи преку своите програмски сервиси и услугите што ќе ги нуди.

Истовремено, на напорите за реформа на МРТ секако ќе влијаат и современите трендови во јавната радиодифузија и во радиодифузијата воопшто. Веројатно најзначајниот тренд е дигитализацијата, која ќе претпоставува дека МРТ ќе треба да се трансформира од јавен радиодифузен сервис во јавен медиумски сервис.

Во овој текст, авторот Климе Бабунски ги идентификува проблемите што треба да ги надминеме и што никогаш на МРТ не и дозволија да стане вистински јавен радиодифузен сервис, како и потребните правци во кои ќе треба да се движиме за да ја постигнеме таа цел, МРТ да стане јавен радиодифузен сервис а потоа, во согласност со современите трендови, и јавен медиумски сервис.

Документот е приложен (како ПДФ документ подготвен за печатење) на линкот Иднината на непостоечката сегашност

Овој документ е подготвен со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.