Added by on 2014-08-22

logo

ЦРМ има суштински забелешки на Нацрт-деловникот на АВМУ особено на оние одредби кои ја ограничуваат јавноста и транспарентноста на работата на Агенцијата, како и на оние одредби кои овозможуваат дополнително финансирање на АВМУ и поголеми овластувања на директорот во трошењето финансиски средства.

ЦРМ смета дека АВМУ мора да биде целосно транспарентна во својата работа и мора да обезбеди јавност на седниците на Советот. Нацрт-деловникот предвидува забрана за следење на седниците кога се изнесуваат информации од доверлив карактер, а притоа не дава никаква дефиниција за овој вид информации. На ваков начин се остава можност за манипулација со јавноста. Затоа, предлагаме да бидат избришани  одредбите кои ја ограничуваат јавноста на седниците, бидејќи тие во својата суштина претставуваат повреда на начелата на транспарентно и јавно работење на независниот регулатор.

ЦРМ смета дека деловникот треба да содржи одредби кои ќе го гарантираат финансирањето на АВМУ само од приходи обезбедени од радиодифузната такса и надоместоците предвидени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ). Секое финансирање на независното регулаторно тело надвор од средствата кои се собираат од радиодифузната такса и надоместоците кои се плаќаат за дозволи за вршење радиодифузна дејност, како што е предложено во Нацрт-деловникот, отвора можност за финансиско влијание врз регулаторот, и на тој начин се доведува во прашање неговата самостојност.

ЦРМ предлага и ограничување на дел од овластувањата на идниот директор на Агенцијата. Сметаме дека е недозволиво овој орган кој е организациски и функционално зависен од Советот на АВМУ, да може да одлучува за финансиски трошоци без да биде утврден нивниот максимален износ како што е предвидено со Нацрт-деловникот.

ЦРМ оваа правна анализа ја изработи во рамките на Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија, Проект за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера. Комплетната правна анализа може да ја прочитате на следниот линк Правен коментар на Нацрт-деловникот на АВМУ