Added by on 2015-03-20

community-radio-titleВо врска со повикот за вклучување во јавна расправа на тема непрофитни медиуми, Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) подготви краток документ со своите предлози и сугестии за идниот развој на непрофитните медиуми во Република Македонија. Документот е приложен во PDF формат на крајот на оваа статија.

Центарот за развој на медиуми (ЦРМ) ја поздравува иницијативата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пред сѐ, затоа што таа ќе помогне да се креира една политика која ќе мотивира и охрабрува нови актери во медиумската сфера. Второ, со креирање на добри политики на полето на непрофитните медиуми ќе ја сместиме и македонската медиумска сцена во европската рамка на добри практики.

Овој документ се однесува на непрофитните радија, а пред сѐ таканаречените „радија на заедниците“ (community radio), како една од можните форми на непрофитен медиум, а со цел заживување на радиото од една страна, а од друга страна пак и поради достапноста на радиото и неговата можност да допре до што поголема група население..

Со цел давање наш придонес кон оваа  тема консултиравме повеќе извори кои можеме да ги поделиме во три групи:
– легислатива
– европски и светски практики, вклучително и документот изготвен од страна на  Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
– консултации со граѓански организации и размена на искуства и мислења

Пред детално да ги изложиме нашите предлози, би сакале да ја потенцираме потребата од финансиски олеснувања кои се потребни за непрофитните медиуми, потреба која излегуваше на виделина целиот овој период кој го имавме на располагање за изготвување на извештајот.

Нашите предлози се следни:
1. Согласно реалната ситуација во Македонија и фактот дека во моментот постојат единствено три непрофитни медиуми(трите студентски радија Студент ФМ“, „УКЛО ФМ“ и „УГД ФМ“) сите напори треба да бидат вложени кон мотивирање на основање на тематски радија на заедниците, односно радија што ќе се фокусираат на одредена заедница организирана околу одредена тема или интерес (фармери, жени, студенти, млади), за сметка на географски ориентираните радија. Сметаме дека студентските радија се добра појдовна точка и доказ дека во Македонија постои интерес за заживување на тематските радија.

Исто така, би требало да се имаат пред вид најновите трендови од западноевропските земји во кои за новинарството, сфатено како активност на објективно и професионално известување на јавноста за прашања од јавен интерес, сѐ почесто и сѐ повеќе се говори како за непрофитна дејност. Со оглед на постоечките состојби во Македонија во која медиумите, по своја волја или под притисок, се оддалечуваат од таа своја обврска – навремено и објективно да ја известуваат јавноста за прашања од јавен интерес – би било полезно ако при доделувањето на лиценците за непрофитно радио емитување се обрне доволно внимание на задоволувањето на потребата на граѓаните за информирање. Претходно кажаното особено ги погаѓа помалите урбани и руралните средини. Поради тоа, потребно е да се обрне внимание во такви средини да се искористи можноста преку радија на заедниците да се обезбеди потребното локално информирање кое сега во голема мера отсуствува или е потиснато во втор план.

2. По прашањето на политиката на доделување фреквенции, сметаме дека би требало да се резервираат одреден број фреквенции во секое фреквентно подрачје (на локално и регионално ниво) за непрофитните медиуми (радија). Овие фреквенции треба по својата природа да бидат бесплатни, а логиката позади сето ова е едноставна. Имено, поради природата на своето работење, непрофитните радио станици можат но и не мора да остваруваат приходи по било кои основи. Оттаму, доколку радио станиците ја извршуваат својата работа и служат како информатори на јавноста, во минимумот часови непрекината радио програма, предвидена со закон (Законодавецот предвидува четири часа непрекината програма) тогаш на нив треба да им бидат доделени и олеснувања во нивното работење. Преку ова ќе биде задоволена интересентната група, а радиото ќе биде ослободено од дополнителни давачки кои можат да го загрозат неговото постоење.

Истовремено, треба да се обезбеди постоење на доволно заштитни механизми што би спречиле каков било обид таквите фреквенции да бидат искористени и злоупотребени така што некој би ги добил без надомест за потоа на нив да прави комерцијално радио.

Исто така, сметаме дека треба да се охрабри можноста за „тајм-шеринг“на иста фреквенција на повеќе интересно/тематски организирани заедници, за да може полесно да се дојде до законскиот минимум од четири часа број на емитувани часови програма. Истовремено, на тој начин ќе се поттикне и разновидност на програмата и на некој начин ќе стане збор за еден локален информатор со повеќе содржини што се достапни на иста фреквенција.

3. Да се разгледа можноста, доколку се ориентирани на одредено географско подрачје, а не на интересно или тематски поврзана заедница, да продаваат рекламен простор, при што тоа би се ограничило само на малите претпријатија од регионот на покривање, без влез во националниот рекламен пазар. Таквата пракса, како што наведува и документот на АВМУ, постои и успешно функционира во неколку земји членки на ЕУ, како што се Ирска и Велика Британија.

Ако се остане на сегашното законско решение непрофитните радија да бидат целосно зависни од донаторски средства (независно дали како донатор се јавува институција, организација, членството или интересната група на која и се обраќа радиото, или приватни лица), потребно е да се разгледа можноста за основање на фонд во кој би се собирале и од кој би се доделувале, во транспарентна и отворена постапка, средства наменети исклучиво за развој на овој сегмент од радиодифузијата. Значи, сметаме дека е прифатливо решението што веќе се користи во Франција каде што постои таков фонд што се полни од таксата од рекламните приходи на комерцијалните радиодифузери. Знаејќи ја големината на македонскиот радиодифузен пазар и бројот на играчи што се борат за се помалите достапни рекламни приходи, сметаме дека во нашиот случај, средствата во таквиот фонд би се собирале од игрите на среќа и/или радиодифузната такса, или од други извори кои дополнително би биле утврдени,. Истовремено, овој фонд би се грижел и за изнајмување на опрема за емитување со која тој формално би располагал, а која би им била дадена на користење на радијата.

4. Основање на непрофитните радија како добротворни организации (chаrities). Примерите од европскатата пракса како што е Англија покажуваат дека непрофитните медиуми се регистрираат како добротворни организации согласно постоечките законски решенија. Од светските примери ги издвојуваме САД каде непрофитните медиуми уживаат статус на добротворни организации кои се изземени од даноци. Имено, непрофитните медиуми во  САД по својата дефиниција служат за информатори на јавноста, особено на локално ниво и нивната цел е да опфатат значајни социјални теми. Истото важи и за Македонија. Непрофитните радија можат да послужат како значајни информатори на јавноста, особено на локално ниво и да имаат големо социјално значење.

5. Концептот на непрофитните медиуми може во голема мера да се поттикне доколку влезе како една од областите кои ќе ги опфати новиот Закон за развој на социјалното претприемништво, а најмногу поради можните поттикнувања кои ќе ги добијат социјалните претпријатија (даночни поттикнувања или искористување на активните мерки за вработување и сл.) Доколку зад медиумот стои јавна институција која ќе ги покрива  режиските/оперативните трошоци – струја вода, парно, простор и сл.), може многу лесно да се направи функционален непрофитен медиум.

Центарот за развој на медиуми ќе остане фокусиран на ова прашање и во иднина и планираме подготовка на документ за јавна политика во кој подетално би ги разработиле предлозите и сугестиите наведени во овој документ.

Neprofitni mediumi – predlozi i sugestii