Added by on 2018-10-30

Центарот за развој на медиуми континуирано е вклучен во расправата за потребните реформи во медиумскиот сектор во Република Македонија. ЦРМ смета дека усвојувањето на актуелните промени во законодавството за аудиовизуелните медиумски услуги, инаку заглавено во собраниска процедура без индикации кога би можело да биде усвоено, не значи дека не треба да продолжиме со разговорите за идните чекори во реформите на законодавството и другите реформи во медиумскиот сектор.

Реформите во медиумскиот сектор првенствено треба да помогнат во отстранувањето на слабостите што придонесуваат за високото ниво на ранливост на медиумскиот сектор на различни видови на притисоци. Таквите притисоци најчесто се манифестираат како економски, без оглед на нивната мотивација и цел, злоупотребувајќи ја ниската одржливост на медиуимскиот пазар во Македонија. Реформите, во крајна линија, треба да придонесат за воспоставување на слободен, демократски, плуралистички и одржлив медиумски систем.

Центарот за развој на медиуми, во рамките на своите активности за промоција на дискусијата за отворените прашања во македонскиот медиумски сектор, како и на можните идни решенија што ќе треба да следат во продолжението на законодавните реформи по усвојувањето на актуелниот Закон за измени и дополнувања на ЗААВМУ, го подготви и овој документ за јавни политики чија цел е да го отвори прашањето на медиумската сопственост, со сите поврзани прашања како што се транспарентноста на сопственоста или спречувањето на медиумската концентрација.

Целта на овој документ не е да понуди затворена листа на готови решенија, туку да ги идентификува главните проблематични точки за кои треба да се разговара, и тие прашања да се поместат во фокусот на идните законски решенија а во склоп на тековните и претстојните реформи во медиумската сцена. Секако, идните законски решенија мора нужно да произлегуваат од една сеопфатна јавна расправа, со вклучување на директно заинтересираните страни и публиката, а со целосен увид и почитување на меѓународните стандарди, но и на превладувачките глобални трендови во областа на радиодифузијата.

Во рамките на активностите за подготовка на овој документ, ЦРМ, следејќи ја својата востановена практика за собирање на мислењата на заинтересираните страни и експертската јавност за ова прашање, пред да го финализира документот организираше јавна дискусија на 7 септември 2018 година. Исто така, до повеќе претставници на заинтересираната заедница, испративме и прашалник, како уште еден метод на собирање на мислењата и ставовите на медиумската заедница.

Овој документ е подготвен со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.

Документот, во ПДФ формат погоден за печатење, е приложен кон оваа статија.

Регулирање на медиумската сопственост: меѓу концентрацијата и плурализмот