Вториот Извештај на Прибе, односно „Оценките и препораките на групата искусни експерти за прашања поврзани со владеењето на правото од 2017 година“, забележува дека „треба да се обрне внимание на состојбата во која се наоѓаат печатените медиуми, затоа што бројот на национални дневни весници е мошне мал“ што според Извештајот „е потенцијална закана за слободните плуралистички медиуми“.
Високи претставници на Владата на РМ во неколку наврати повторуваат дека се размислува за некаков вид на помош од јавни фондови за да се одржат, пред сѐ, печатените медиуми како носители на еден значаен вид на новинарско известување што во сржта ја има грижата за јавниот интерес и задоволувањето на правото на јавноста да знае. И од медиумската заедница постојано се слушаат барања за некаков вид на помош, што не е изненадување, со оглед на тешката финансиска ситуација во која се наоѓаат на неодржливиот пазар.
Пенетрацијата на интернет и потресите што ги предизвика на медиумскиот пазар и професиите што зависат од тој пазар, особено деструкцијата на сите традиционални бизнис-модели од кои се финансираа традиционалните медиуми и новинарството што тие го практикуваа, му даваат дополнително значење на прашањето за можноста за помош/субвенционирање на медиумите и медиумското производство од јавни фондови, односно со парите на даночните обврзници.
Конечно, примерите како што се „Брегзит“, Претседателските избори во САД, подемот на популистичките политичари и движења ширум светот, како и однесувањето на голем број медиуми во Македонија и нивната улога на гласноговорници и промотери на политичката пропаганда на партијата на власт, покажуваат дека, како никогаш порано, на граѓаните им е потребен тој вид на новинарство што го негуваат традиционалните медиуми. Таквото новинарство, фокусирано на јавниот интерес, единствено може во „информативниот шум“ на интернет да го обезбеди правото на јавноста да знае и да биде информирана.
Овој текст нема намера да идентификува или да понуди нови бизнис модели што ќе ги заменат традиционалните бизнис модели засновани на продажбата на рекламен простор. Текстов нема намера ни да даде јасни насоки или конкретни препораки за начинот на кој би се финансирале медиумите од јавни фондови или буџети. Намерата на овој текст е да отвори неколку прашања чии одговори во најголема мера ќе влијаат дали, како и од кои средства ќе се обезбеди таквата поддршка.
Во рамките на активностите за подготовка на овој документ, Центарот за развој на медиуми организираше и јавна дискусија, на 8 јуни 2018 година во Хотел „Бест Вестерн Турист“ во Скопје. На дискусијата, ЦРМ ги покани своите ставови и гледишта за нацрт-документот да ги дадат и претставници на заинтересираните страни – претставници на печатените медиуми, граѓанските организации што работат во областа на медиумите, претставници на меѓународните организации што се присутни во Македонија, и претставници на носителите на одлуки, односно на двете надлежни владини тела во областа на медиумите.
Документот е приложен како ПДФ документ подготвен за печатење на линкот Субвенции – кого и зошто да субвенционираме
Овој документ е подготвен со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на Центарот за развој на медиуми и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.