Програмата за бесплатна правна помош за новинари и медиуми инволвирани во судски случаи за навреда и клевета беше воспоставена во 2013 година, а Центарот за развој на медиуми ја спроведува во партнерство со Адвокатската канцеларија „Медарски“, и со поддршка од британската организација МЛДИ (Иницијатива за правна заштита на медиумите – Media Legal Defence Initiative).
Потребата од таквата програма тогаш беше повеќе од очигледна. Декриминализацијата на клеветата и навредата со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во ноември 2012 година настапи во момент кога пред кривичните судови во државата имаше околу 330 активни случаи во кои новинари и медиуми беа тужени за навреда и клевета. Сите тие случаи, со стапувањето на сила на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета требаше да преминат од кривична во граѓанска постапка. Во првата година, програмата покри вкупно 31 случај префрлени од кривична во граѓанска постапка.
Програмата за бесплатна правна помош беше потребна и од еден друг аспект. Продолжената финансиска криза во медиумскиот сектор, особено кај независните медиуми за кои секако постои поголема веројатност дека ќе бидат изложени на ризикот од тужби за навреда и клевета, како и генерално ниските просечни примања на новинарите, значеа и значат дека новинарите, но и повеќето медиуми тешко можат да ги издржат трошоците на продолжена правна постапка.
Исто така, потенцијалните надоместоци за нематеријална штета, иако Законот ги ограничува максималните износи што можат да бидат изречени против новинари, уредници и медиуми, за повеќето, особено за помалите медиуми, претставуваат вистинска егзистенцијална закана.
Во склоп на Програмата за бесплатна правна помош за новинари и медиуми, досега одбрана добиле новинари и медиуми во повеќе од 50 случаи.
Од оваа година, Програмата е битно изменета. Имено, поради ситуацијата што ја имавме во 2013 година, со стапувањето на сила на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, практично беше невозможно да се организира покривање на трошоците за сите индивидуални случаи, со оглед на ограничувањето во висината на поддршката што ја дава МЛДИ. Поради тоа, беше одлучено, во соработка со нашите локални партнери од Адвокатската канцеларија „Медарски“, нивниот ангажман да се покрива со месечен паушал, а тие да ги примаат сите новинари или медиуми кои ќе побараат правна помош во случаи на тужби за навреда и клевета против нив, без посебен процес на аплицирање и одобрување.
Поради намалениот број на нови тужби за навреда и клевета – за што, сметаме, во голема мерка е заслужна и Програмата за бесплатна правна помош – а и за да се изедначи приодот со сличните програми што во други држави ги помагаат нашите партнери од МЛДИ, се напушта таквиот пристап на „отворени врати“. Него, согласно праксата на другите партнери на МЛДИ, ќе го замени пристап во кој новинарите што се соочуваат со тужби за навреда и клевета ќе треба да поминат низ краток и едноставен процес на аплицирање, кој може да се комплетира преку интернет-страната на Центарот за развој на медиуми. Апликациите ќе бидат разгледувани заеднички од ЦРМ и Адвокатската канцеларија „Медарски“ пред да бидат одобрени.
За оваа година, со оглед на се помалиот број на нови тужби за навреда и клевета, обезбедивме одбрана за пет нови случаи. Сепак, доколку има потреба за дополнителни случаи, партнерите од МЛДИ ни стојат на располагање за барање на дополнителни средства.
Уште една промена е што програмата нема да се однесува само на случаи на навреда и клевета, туку и на прашања поврзани со административни притисоци и вознемирување.
Новинарите што се соочуваат со тужба за навреда и клевета, како и со административни притисоци и вознемирување, треба да го пополнат краткиот формулар приложен кон оваа статија, и да ни го достават итно по електронска пошта на адреса pravna.pomos@mdc.org.mk. Исто така, новинарите можат да го контактираат Центарот за развој на медиуми на телефон 078 483 102.