Центарот за развој на медиуми (ЦРМ), во рамките на проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, на 6 декември 2013 година (петок), во хотелот “Холидеј ин” (сала Скала 1), во Скопје, со почеток во 11 часот, организира двочасовна дебата:
„Советот за радиодифузија – транспарентен?“
На дебатата ќе бидат презентирани заклучоците и препораките од анализите: „Медиумите во македонската подзаконска регулатива“ и „Анализа на одлуките на СРД“, а ќе биде презентиран и извештајот од мониторингот на работата на Советот за радиодифузија (СРД).
Дискусијата ќе биде фокусирана на транспаретноста и јавноста на Советот за радиодифузија во процесот на донесување на одлуки, но и во целокупното негово работење. Панелисти на оваа дебата ќе бидат експертите од областа на медиумите: Сашо Орданоски, Климе Бабунски и Снежана Трпеска, но во дискусијата очекуваме да учествуваат и да се вклучат, претставници од СРД, граѓанските организации и други релевантни институции и индивидуалци.
Целта на оваа дебата е да се слушнат различните предлози и мислења кои заедно со заклучоците од анализите подготвени од Центарот за развој на медиуми, ќе бидат доставени до Советот за радиодифузија, и ќе служат како основа за подобрување на работата на СРД, но и за подготовка на предлози за измени на постојното законодавство.