Граѓаните и граѓанките што денес, 23 декември 2014 година, од 123-те столчиња поставени на улицата помеѓу Собранието на Република Македонија и споменикот на АСНОМ, им порачаа на пратениците и на власта дека граѓаните се извор на суверенитетот.
„Демократијата не е можна без активни и здружени граѓани! Се здружуваме за да ги вратиме слободата, демократијата и социјалната правда во Република Македонија“, вели прогласот на Платформата за граѓанска политика АЈДЕ, организатор на денешниот настан.
Во својот проглас, Платформата АЈДЕ додава дека политиката им припаѓа на граѓаните, здружени како слободоумни поединци со различни погледи и идеи. Платформата порачува дека е отворена за сите кои се препознаваат во вредностите за кои се залага.
„Секој глас, став и демократски напор се еднакво важни. Не се стремиме да бидеме едногласни. Секоја, дури и најмалата лична битка против неправдата е и наша битка, која ја поддржуваме, цениме и поттикнуваме. Солидарноста е и нашата водилка. Нашата цел е да ги зајакнеме и здружиме расцепканите демократски сили во земјата. Немаме намера да го монополизираме просторот за акција. Повикуваме на широка мобилизација за да ги разбудиме надежта и храброста кај луѓето“, додава прогласот кој ги повикува граѓаните да се придружат во борбата против узурпаторите на слободата и демократијата.
Пред граѓаните говореа активистите Марјан Забрчанец, Артан Садику, Биљана Гинова, Елизабета Секирарска, Акиф Кариман, Петрит Сарачини и Славчо Димитров.