
Фото: Влада на РСМ
Кој тоа, по ѓаволите, и брани на државата или на Владата да води и спроведува кампањи од јавен интерес? Имено, Претседателот на Владата Зоран Заев вчера, свежо вакциниран (честито!!!), се пожали, парафразирано, дека државата не може да води кампањи од јавен интерес, а тоа го можат ЕУ, УНИЦЕФ и ОН.
Значи, никој на државата (или на Владата) не ѝ брани да организира, произведе и води, односно спроведува кампањи од јавен интерес. Каде постои таква забрана? Ако постои, таа треба веднаш да се укине, укинатите одредби да се испечатат и церемонијално да се запалат, пепелта да се уситни а урната да се закопа некаде на Криволак за војската да ја чува, немој случајно некој да ја пронајде па да добие таква идеја.
Тоа што Владата/државата (а и цела серија јавни и државни институции и тела) не може да го прави, според раширеното убедување засновано на одредбата од Член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, е да троши јавни пари за да купува рекламно време во комерцијалните радиодифузни медиуми, првенствено во националните телевизии. Попрецизно читање на тој член, сметам, покажува дека ни тоа не им е забрането.
Се разбира дека државата и владата можат и мораат да организираат и спроведуваат кампањи од јавен интерес и да ја информираат јавноста за таквите кампањи и за сите прашања од јавен интерес. Граѓанските организации што работат во областа на медиумите, новинарските здруженија и академската заедница се согласни дека тоа е потребно и тоа никој не го спори.
Сепак, поучени од праксата на претходната власт да користи јавни пари за промоција и на партиски политики, и особено за наградување на пријателските медиуми, обид за купување на наклоноста на медиумите или „казнување“ на критичките медиуми со тоа што нема да им овозможи пристап до таквите јавни тендер, генералниот став е дека јавни пари не треба да користат за купување на комерцијално рекламно време.
Она што ние го бараме е таквите информативни кампањи да бидат соодветно регулирани – да се знае кои области и теми ќе се сметаат за прашања од јавен интерес, да се утврди методологија и критериуми за одлучувањето во кои медиуми ќе се пласираат и, за тоа да не се плаќа. Сè тоа за да се елиминира можноста „владиното рекламирање“ да се користи како средство за притисок врз медиумите.
Што се однесува до информирањето на јавноста, не значи дека Владата и другите државни и јавни тела и субјекти не можат да ги промовираат таквите кампањи. Владата, на пример, си има своја интернет-страница, ги има јавните настапи на своите претставници, има изјави и соопштенија за јавноста. Ги има, во крајна линија, печатените и медиумите на интернет каде што може да пласира огласи и информации. Го има, секако, и јавниот радиодифузен сервис за објавување на такви информации.
Знаејќи дека Премиерот во истата изјава ги спомна и напорите да се основаат јавни фондови за поддршка на истражувачкото новинарство и на аудиовизуелната продукција (вториот го имаме, ама за тоа во друга прилика), неизбежно е да заклучиме дека и оваа влада, како и претходната, гледа на можноста за купување на рекламен простор за кампањите од јавен интерес како уште на еден инструмент за индиректно субвенционирање на медиумите.
Тоа, се разбира, се две различни прашања, и ГО и новинарските здруженија нуделе и нудат решенија за кои сметаме дека се одржливи.
За тие две, и за многу други прашања што ја засегаат медиумската индустрија и индустријата на информирање секако треба да разговараме. Затоа ќе го држиме за збор премиерот Заев кој вчера најави дека ќе ги повика сите здруженија – медумски работници, медиумски здруженија, експерти – на дебата за да се најде соодветно решеније. Господине Заев, ви стоиме на располагање!!!
А во меѓувреме, Владата слободно нека организира кампањи за информирање на јавноста за прашања од јавен интерес или во случаи на кризни ситуации или природни катастрофи.
Тоа, сигурен сум, никој нема да ѝ го замери!!!
Дејан Георгиевски