Added by on 2025-03-27

Центарот за развој на медиуми, на панел дискусија што се одржа вчера, 26 март 2025 година, во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, ги претстави збирните наоди од мониторингот на работата на носителите на одлуки во областа на аудиовизуелните медиумски услуги и медиумите, регулаторното тело АВМУ, и Програмскиот совет на МРТ. Мониторингот на работата на носителите на одлуки, АВМУ и Програмскиот совет на МРТ е спроведуван со финансиска помош на Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy).

Воведничари на панелот беа Дејан Георгиевски, претседател на ЦРМ, Столе Наумов, новинар во Канал 77 Радио ангажиран како надворешен соработник за следење на работата на Програмскиот совет на МРТ, и Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА).

Георгиевски ги престави главните наводи за работата на носителите на одлуки, пред сè, Министерството за дигитална трансформација (и поранешното Министерство за информатичко општество и администрација), Собранието на Република Северна Македонија, како и работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, особено Советот на АВМУ.

Георгиевски, како најзначајни наоди во работата на носителите на одлуки ги наведе праксата на министерствата (и МДТ и претходно МИОА) на потребните реформи на медиумското законодавство да не им пристапува системски. Напротив, интервенции во законите се прават на иницијатива и под притисок на одредени групации на заинтересираните страни, како што беа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 28 февруари 2024 година (повторно воведување на „државното рекламирање“) или тековниот процес за измени на Законот за медиуми, со отворање само на прашањето на воведување на онлајн-медиумите во регулаторната рамка.

Мониторингот исто така посочи на проблематичниот процес на избор на новиот состав на Советот на АВМУ, особено фактот дека не се одржа вистинска јавна расправа со кандидатите во Собранието, како и очигледниот факт дека, за да се обезбеди потребното дво-третинско мнозинство и „Бадинтерово мнозинство“, политичката трговија и обидите на партиите да обезбедат место за свои кандидати во Советот во најголема мера влијаели врз конечниот избор на кандидатите што надлежната собраниска Комисија за прашања на изборите и именувањата ги достави за гласање на пленарна седница.

Конечно, меѓу наодите од мониторингот е и фактот дека, по усвојувањето на измените на ЗААВМУ со кои повторно се воведе „државно рекламирање“, односно „државни кампањи“, обврските за основање на комисија што ќе одлучува за кампањите што ќе бидат избрани за финансирање не се исполнети ниту половина година по изборите, и дека на тоа поле нема никаков напредок или поместување.

Следењето на работата на регулаторното тело и Советот на АВМУ доведе до заклучок дека Агенцијата добро ја врши својата работа, што е заклучок и од неколку меѓународни извештаи, вклучително и годишните извештаи за напредокот на Северна Македонија што ги објавува Европската Унија. Особено треба да се пофалат активностите на Агенцијата во областа на промоција и унапредување на медиумската писменост, борбата против говорот на омраза или родовата еднаквост во медумската индустрија но и пошироко во општеството. Тоа првенствено се должи на агилноста на стручната служба на АВМУ и на стручноста и еланот на вработените во стручната служба.

Сепак, беше забележано дека понекогаш, АВМУ, во желбата да помогне, знае да излезе и надвор од своите надлежности, како што е случајот со иницијативата за саморегулаторниот инструмент за организаторите на изборни кампањи и медиумите за време на избори. По начинот на кој беше замислена и имплементирана, во суштина се работи за „ко-регулаторен“ инструмент во област каде првичната надлежност е на други тела, имено, на Државната изборна комисија и на политичките партии како субјекти на кои, меѓу другите, се однесува саморегулаторниот инструмент.

Забележано е и дека, иако АВМУ традиционално е една од најтранспарентните институции во државата, постои потреба за поголеми напори за анимација и вклучување на засегнатите страни, на пример, во подготовката на подзаконските акти од опсегот на надлежности на АВМУ. Во рамките на процесот на усогласувањето со новата Директива за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, и соодветните законски измени, АВМУ менува неколку постоечки и усвојува неколку нови правилници и други подзаконски акти. Сепак, во процесот на јавни консултации, добивањето на коментари е сосема ретко – забележан е само еден предлог добиен во периодот за јавни консултации за сите подзаконски акти што АВМУ ги подгови и усвои во 2024 година.

Една долгогодишна забелешка за Советот на АВМУ делумно се должи и на законските решенија. Имено, иако Агенцијата дизајнира и спроведува политики во другите области од нејзина надлежност – веќе ги спомнавме прашањата на медиумска писменост, родовиот баланс, заштитата на децата и малолетниците, говорот на омраза, таквите активности отсустуваат во нејзиното основно поле на компетенции и причината за нејзиното постоење, односно распределбата на достапните ресурси за емитување програма, односно радио-телевизискиот фреквентен спектар како ограничен јавен ресурс и состојбите на пазарот на аудиовизуелни медиумски услуги. Имено, во тековната криза, кога бројот на радиодифузери се откажуваат од дозволите и престануваат да емитуваат, освен ламентации на седниците дека тоа е лошо, и дека не е убаво кога се затвараат медиуми и се губат новинарски работни места, не помниме дека Советот расправал за тоа дали и какви политики на регулаторното тело би можеле да влијаат во насока на поодржлива сцена во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Зголемена улога во таа област е потребна, таа е основната причина поради која постои регулаторното тело, и тоа мора да преземе мерки на тоа поле, било да предлага задржување на сегашната неодржлива сцена или нејзина консолидација.

Столе Наумов, во своето излагање за Програмскиот совет на МРТ, ги повтори наодите што се дел од секој мониторинг извештај што се однесува на работата на тоа тело. Тоа првенствено се однесува на транспарентноста на работата на Програмскиот совет, односно фактот дека неговите седници не се најавуваат соодветно, дека записниците главно се сувопарни и без многу информации. Ја нагласи потребата, соодветно со достапните технички можности, а во однос на законската обврска за јавност на седниците, ПС да воспостави систем за „стриминг“ во живо од седниците, редовно и навремено најавување на седниците на својата интернет страница и на други платформи што и се достапни на МРТ, како и потребата да се воспостави посебна секција на интернет страницата на МРТ посветена на Програмскиот совет, каде ќе бидат достапни и материјалите што Советот ги разгледува на секоја одделна седница. Наумов ја посочи и потребата да се реши прашање на избор на новиот состав на ПС, особено знаејќи дека дел од членовите во постоечкиот состав се наоѓаат во ситуација на сериозен судир на интереси, а дел го имаат напуштено ПС поради нови ангажмани или биле именувани на различни позиции во државни и владини институции.

Петрит Сарачини од ИМА, една од малкуте организации што не ја оспорува потребата од спроведување кампањи од јавен интерес, повтори дека таквите кампањи се потребни, нудејќи ја како пример токму 2024 година и настаните во кои очигледно се потребни активности за подигање на свеста и известување на граѓаните. Според него, проблемот е во тоа што сегашното законско решение е несоодветно, а и практично тешко спроведливо, што покажува фактот дека до денес, уште не е ни основана Комисијата што треба да предлага и избира „државни“ кампањи на национално, а уште помалку на локално ниво. Сарачини предлага тоа прашање повторно да се разгледа за да се пронајде функционално решение што, првенствено, ќе обезбеди поголемо граѓанско учество, и учество на експертската јавност, во реализацијата на кампањите, за да се обезбеди тие да имаат вистински ефект и успех.

Кварталните извештаи се достапни на интернет страната на Центарот за развој на медиуми. (Четвртиот квартален извештај за 2024 година ќе биде објавен во наредните неколку дена).