Added by on 2014-11-17

Нани Јансен, Саше Димовски и Филип Медарски на дебатата за навредата и клеветата (Фото ЦРМ/Дејан Георгиевски)

Нани Јансен, Саше Димовски и Филип Медарски на дебатата за навредата и клеветата (Фото ЦРМ/Дејан Георгиевски)

Центарот за развој не медиуми во рамките на проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, на 7 ноември 2014 година, организираше дебата насловена како: „Навредата и клеветата – јамка за слободата на изразување“.

Во дискусијата што ја модерираше новинарот Саше Димовски, панелисти беа: директорката за право на Media Legal Defence Initiative (МЛДИ)  од Лондон, Нани Јансен, адвокатот Филип Медарски, уредничката на неделникот Фокус, Јадранка Костова, уредникот на Слободен печат и Плусинфо, Бранко Героски, уредникот на порталот Либертас, Ацо Кабранов, новинарот Синиша Станковиќ и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани. На дебатата учествуваа и голем број на новинари, експерти од областа на медиумите и човековите права, како и претставници од меѓународни институции. Основа за дискусија беа наодите од Третиот извештај од мониторингот на судските случаи за навреда и клевета, кој го спроведува Центарот за развој на медиуми и кој го опфаќа периодот од 15-ти јуни до 15-ти октомври 2014-та година.

На дебатата беше истакнато дека според Европскиот суд за човекови права слободата на изразување е клучно човеково право и дека таа е еден од основните темели на демократското општество. Во таа смисла, важно е да се разбере дека право на заштита нема само „добриот и позитивен говор“, туку правото на заштита се однесува и на грубиот говор, на умерените претерувања, па дури и на провокациите. Или со други зборови, Судот во Стразбур постојано потврдува дека од аспект на слободата на изразување, од исклучително значење е да се заштити токму критичкиот говор кој ја поттикнува јавната дебата.

Понатаму, носителите на јавни функции треба да имаат поголем праг на толеранција во однос на критиките. Во случаите во кои постои навреда и клевета санкциите треба да бидат пропорционални со ситуацијата во која се наоѓаат медиумите, затоа што високите надоместоци може да доведат до самоцензура, до „оладувачки ефект“ кон истражувачкото новинарство, но и до затворање на медиумите.

Дискутантите констатираа дека Законот за граѓанска одговорност од навреда и клевета не ги исполнува целите заради кои што е донесен, односно со декриминализацијата не се намали притисокот врз новинарите, не се намали ниту нивото на дефамација во општеството, а новинарството стана најгонета професија во државата. Затоа поголемиот дел од панелистите смета дека треба да претрпи измени и дека надоместоците треба драстично да се намалат.

Во однос на досегашната судска пракса, дискутантите истакнаа дека Законот се применува крајно селективно и дека во постапките некои странки, како на пример, функционерите и политичарите од власта, се поеднакви од другите. Судството, според дискутантите, во моментов служи главно како заштитен појас на високите функционери од власта. Пресудата во случајот Сашо Мијалков против Фокус, покажува дека судот повеќе ги штити честа и угледот на функционерите, отколку слободата на изразување. Во овој случај судот не го гледа јавниот интерес и недоследно ја применува праксата на Судот во Стразбур.

На дебатата беше истакнато дека голем проблем е и драконски острата казнена политика, која е целосно бесмислена и тотално неусогласена со економската состојба во која се наоѓаат медиумите и новинарите. Всушност таа има само една цел – да ги уништи новинарите и медиумите кои не ѝ се по волја на власта.

Учесниците во дискусијата истакнаа дека во моментов, новинарската професија се соочува и со уште еден проблем, а тоа е поведувањето судски постапки против новинари од страна на новинари. Тие се едногласни во констатацијата дека доколку се усвојат тужбите и тужбените барања во кои новинарите се тужени заради известување од прес-конференција на политичка партија, тие ќе претставуваат дополнителен притисок врз новинарската професија.