Added by on 2018-03-26

Центарот за развој на медиуми организира работилница на тема „МРТ и АВМУ – Концепт, мисија, статус и влијание на јавноста врз нивната работа“. Работилницата ќе се одржи во Хотел „Романтик“, Велес (Езеро „Младост“), на 30 март 2018 година, во Клубот на новинари.
Во крајно поларизираната и политизирана јавна сцена во Република Македонија, на медиумите се гледа и нивната работа се оценува, пред сѐ, од аспект на нивната функција како извор на информации и вести. Таквиот приод се применува и на јавниот радиодифузен сервис, наспроти фактот што според законодавството што ја уредува неговата работа и меѓународните стандарди, информативната функција е само еден дел од неговата мисија, која во најмалку подеднаква мера ги вклучува и функциите на едукација и забава.
Работилницата ќе се фокусира на местото што јавниот радиодифузен сервис го има во националниот систем за радиодифузија, неговите законски обврски и обврските во заштитата на интересите на јавноста и граѓаните, обврските кон различните интересни групи и чинители во општеството, како и можностите за влијание врз работата на јавниот радиодифузен сервис и барање отчетност што им стојат на располагање на граѓаните и на јавноста, а особено на граѓанските организации како претставници на интересите на своите конституенти.
Дополнително, работилницата ќе посвети внимание и на регулаторното тело во областа на радиодифузијата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно нејзината законска поставеност и улогата и местото што ја има во медиумскиот систем на Македонија.
Работилницата е првиот чекор во процесот на формирање на неформална група на организации од различни области што се заинтересирани за следење и влијание врз работата на МРТ и на АВМУ, а со цел да обезбедат остварување на интересите на нивните конституенти, како и на јавноста во целина.
Обуката ќе ја спроведуваат претставници на ЦРМ и Д-р Климе Бабунски од организацијата ПРО МЕДИА, од Скопје.
Работилницата се организира со поддршка на програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Агендата на работилницата е дадена во прилог. Агенда на работилницата