Added by on 2014-02-12

sudski-registarЦентарот за развој на медиуми (ЦРМ) смета дека новите медиумски закони веќе ги покажуваат своите аномалии и директно влијаат врз дополнително загрозување на слободата на медиумите и правата на новинарите во Македонија. Последен пример за тоа е законската обврска за утврдување на мнозински новинарски здруженија кои ќе бидат овластени предлагачи на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Барањето упатено од страна на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), до новинарските здруженија за доставување регистри на евидентирани членови, како и платена членарина, директно ги повредува правата на новинарите на слободен избор и слободно здружување. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го ограничува слободниот избор на новинарите да бидат важечки членови во повеќе новинарски здруженија, а членарината ја наметнува како услов за утврдување членство што не е предвидено со Законот за здруженија и фондации. Она што особено загрижува е фактот дека доставувањето на регистар со целосни податоци за членовите на здруженијата до надлежното министерство создава простор за дополнителни притисоци врз новинарите.

ЦРМ смета дека новите медиумски закони наместо да ја подобруваат слободата на изразување и слободата на медиумите, континуирано ќе ја влошуваат и онака алармантната медиумска состојба во Македонија. За ова впрочем говори и најновиот извештај на Репортери без граници, според кој Македонија е рангирана најлошо во регионот, се наоѓа на 123 место во светот односно бележи пад од дури 90 места во последните 4 години.