Центарот за развој на медиуми, во рамките на компонентата за професионализација на новите медиуми што е дел Проектот на УСАИД за одговорни медиуми и законодавни реформи во медиумската сфера, минатиот викенд, 31.08-01.09.2013, организираше тренинг за новинарство засновано на податоци (на овие простори е прифатен терминот „статистичко новинарство“).
На тренингот учествуваа 12 новинари и новинарки од повеќе редакции на онлајн медиуми, како и претставници на невладини организации и граѓански асоцијации што водат свои известувачки сајтови и припадници на блогерската заедница во Македонија, како се поистакнат сегмент од медиумската сфера на интернет.
Тренингот го водеше Миранда Патруциќ од Проектот за известување за организираниот криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project – OCCRP), меѓународна мрежа на истражувачки новинари и организации од Југоисточна Европа и Централна Азија.
На тренингот, новинарите од македонските онлајн медиуми имаа можност да се запознаат со најновите трендови на полето на новинарството засновано на податоци (кај нас се користи и терминот „статистичко новинарство“) и на поврзаните вештини за визуализација и мапирање на податоците.
Статистичкото новинарство е збир на вештини на собирање и обработка на нумерички податоци за да можат да се искористат како извор за новинарски стории. Вообичаено, со терминот статистичко новинарство се покриваат и различните техники на визуализација на податоците – инфографики и мапирање – што помагаат обработените податоци да и бидат претставени на јавноста на прифатлив и полесно разбирлив начин.
Постоечките искуства и истражувања на онлајн медиумите во Македонија покажуваат дека тие многу малку или воопшто не ги користат сите можности што интернет како платформа и новите технологии ги нудат како помош во известувањето, што беше и главната мотивација за организирање на овој тренинг. (Задоволство ни е да ве известиме дека првата статија со примена на наученото на тренингот веќе е објавена на њус-сајтот телеграф.мк, и можете да ја погледнете на следниот линк).
Центарот за развој на медиуми планира и други тренинг програми насочени кон подигање на професионализмот во новите медиуми и онлајн медиумите во Македонија.