Added by on 2015-05-23

Бојко Боев (во средината)

Бојко Боев (во средината)

Бојко Боев, меѓународен независен консултант од областа на медиумското право и медиумското законодавство, во својата анализа на медиумското законодавство на РМ престојуваше во Центарот за развој на медиуми кон крајот на април 2015 година. Анализата што ја имате во продолжение е резултат на неговиот престој и работа со членовите на правниот тим на ЦРМ, организирана во рамките на Програмата за подобрување на работењето на организациите, спроведена од ДЕТРА Центар.

Во 2011 година, Томас Бингам, во тој момент највисоко рангираниот судија во Англија и Велс, го објави своето дело Владеење на правото (The Rule of Law), што наскоро стана еден од најзначајните правни текстови на денешнината. Книгата ги дефинира осумте основни принципе на современиот концепт за владеење на правото. Тој концепт, како и демократијата, е критериум врз основа на кој се оценуваат политичкиот и правниот развој на Македонија. Освен тоа, неговоти исполнување е еден од критериумите за членство во ЕУ.

На осумте принципи за владеењето на правото на Лордот главен судија Бингам се присетив додека ги препрочитував медиумските закони на Македонија. Работа на медиумските правници како што сум јас е да определат во кој степен правната рамка за медиумите погодува на работењето на медиумите и, уште позначајно, дали медиумите можат да работат слободни од цензура и непотребни и непропорционални ограничувања. Секако, никакви медиумски закони не можат да им служат на новинарите, медиумите или јавноста ако не се во согласност со принципите на владеењето на правото. За илустрација на односот помеѓу медиумското законодавство и владеењето на правото ќе ја искористам следната аналогија: Медиумските закони се поврзани со владеењето на правото исто толку колку што бродовите се поврзани со реката Вардар.

Бродовите можат да ги имаат и најсовремените навигациски системи а сепак да бидат бескорисни во река што нема доволно вода а речното корито е премногу каменито. Така, без оглед на тоа какви принципи на слобода на медиумите се гараантираат со медиумските закони, законите нема да функционираат ако не се во согласност со принципите на владеење на правото.

Сметам дека македонските медиумски закони не се во согласно со три основни принципи на владеењето на правото, така како што се дефинирани од судијата Бингам. Поради тоа, медиумските закони ниту можат да ги постигнат своите цели, ниту можат да обезбедат заштита за новинарите, медиумите и граѓаните. Тие строги принципи што го „нишаат бродот“ на македонското медиумско законодавство се следните:
1. „Законот мора да биде достапен и во најголема можна мера разбирлив, јасен и предвидлив“.
2. „Прашањата за законските права и одговорности треба да се решаваат со примена на законот, а не преку употреба на дискрециски права“.
3. „Законот мора да обезбеди соодветна заштита за основните човекови права“.

„Законот мора да биде достапен и во најголема можна мера разбирлив, јасен и предвидлив“
Во контекстот на медиумските закони, овој принцип значи дека самото постоење на пишано законодавство не е доволно за заштита на слободата на медиумите. Законодавството мора да е усогласено со стандардите на јасност и прецизност и да им овозможи на новинарите, медиумите и граѓаните да ги предвидат последиците од своето однесување, а врз основа на законот. Површно формулирани правила, без јасен опфат, водат кон самоцензура и овозможуваат злоупотреба на овластувањата.

Следат два примери за нејасни одредби во Законот за медиуми на Македонија:

Прво, Законот не ги наведува критериумите за ограничување на слободата на медиумите. Тој вели дека ограничувањата треба да бидат во согласност со Уставот и го забранува пренесувањето на медиумски содржини што претставуваат закана за националната безбедност, повикуваат на насилно рушење на уставниот поредок на Република Македонија, повикуваат на воена агресија или вооружен судир, поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, верска определба или националност.

Таквото повикување на Уставот не им е од полза на оние што сакаат да разберат во кои случаи можат да бидат ограничени медиумските слободи. Иако од сите се очекува да го познаваат Уставот, повикувањето на него без наведување на специфична одредба ги збунува не само новинарите и обичните граѓани, туку и правниците. Понатаму, напорите да ги утврдиме уставните критериуми за ограничување на правото на слобода на изразувањето и слободата на медиумите не вродија со плод, затоа што македонскиот Устав не нуди јасни критериуми за таквите ограничувања. Ни Уставниот закон за спроведување на Уставот на РМ не нуди толкување на одредбите што се однесуваат специфично на правото на слобода на изразување и слободата на медиумите.

Ограничувањата за заштита на националната безбедност, спречување на повици за насилно уривање на уставниот поредок и покувањето на воена агресеија, поттикнувањето и ширењето на дискриминација, нетрпеливост и омраза навидум се разумни, но Законот не нуди дефиниции за нив. Што е „национална безбедност“? Што ќе се смета за „поттикнување“ или „ширење на дискриминација“ или „ширење на омраза“? Што точно значи „повик на насилно уривање на уставниот поредок“?

На пример, Член 10 од Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) ги наведува критериумите што треба да бидат исполнети од сите ограничувања на правото на слобода на изразување, вклучувајќи ја и слободата на медиумите. Таму се бара сите ограничувања да бидат:
1.    Наведени во закон
2.    Да исполнуваат некој од легитимните интереси наведени во Конвенцијата, како што се заштитата на националната безбедност, јавниот ред, морал, и репутацијата и правата на другите
3.    Да се потребни и пропорционални на заштитата на легитимниот интерес

Европскиот суд за човекови права утврдува дека државите треба да усвојат јасни и прецизни законодавни решенија за ограничувањата на правото на слобода на изразување, со цел да се обезбеди заштита на тоа право. Македонските законодавци не нудат доволно гаранции за тоа право бидејќи ограничувањата наведени во Законот за медиуми не се доволно јасни. Освен тоа, Законот не бара сите ограничувања да се нужни и пропорционални, во согласност со Член 10 од ЕКЧП.

Друг пример за нејасна одредба во Законот за медиуми е барањето за видливо предупредување за „порнографски содржини“, затоа што Законот не нуди дефиниција за порнографијата. Правилото дека дека правото на новинарите на тајност на изворите може да биде ограничено „во согласност со меѓународното право и Уставот“, исто така, не е доволно јасно. Малкумина правници и уште помалку новинари знаат каква заштита на правото на новинарите да не ги откријат своите извори на информации нуди меѓународното право.

„Прашањата за законските права и одговорности треба да се решаваат со примена на законот, а не преку употреба на дискрециски права“
Овој принцип на владеењето на правото извира од ризикот дека законските права и обврски можат да се применуваат на дискриминирачки начин ако не се ограничат овластувањата на оние што ги применуваат законите. Дозволете ми да дадам еден пример. Би било неправично и против принципите на владеењето на правото ако судиите во Струмица одлучуваат за случаи на повреда на Законот за медиуми различно од судиите во Скопје. Или ако критериумите што ги применуваат судиите во случаите на навреда и клевета зависат од тоа дали тужителот е политичар или обичен граѓанин. За да се избегне таа опасност, законодавецот треба да ги наведе критериумите за проценување во сите случаи што се однесуваат на законските права, како што е правото на заштита на новинарските извори или правото на одговор, или во сите случаи на одговорност, како што се случаите во кои се одлучува за глоби или обештетување поради повреда на законот.

Законот за медиуми не го исполнува принципот на владеење на правото според кој законските права и обврски треба да се разрешат преку примена на законот а не преку употреба на дискрециски права. На пример, законот го дефинира износот на глобите за прекршување на законот, но не нуди критериуми за определување на висината на казната. На тој начин, тој на судиите им дава неограничено дискрециско право во решавањето на таквите случаи. Како резултат на тоа, постои опасност судиите во Струмица и Скопје, на пример, да применуваат различни критериуми во определувањето на штетата што е предизвикана со објавувањето, што може да резултира во ситуација во која новинарите од двата града ќе плаќаат различни глоби. Слично, барањата на политичарите или влијателните јавни личности можат да добијат третман поинаков од барањата на обичните граѓани.

„Законот мора да обезбеди соодветна заштита за основните човекови права“
Овој принцип на владеењето на правото бара од законодавецот, судовите и сите владини или саморегулаторни тела (како што се саморегулаторните тела за печатот) да имаат пред вид како регулативата или нивните одлуки влијаат врз човековите права. Во областа на медиумските закони, тој принцип се однесува, пред сѐ, на заштитата на правото на слобода на изразувањето.

Иако Законот за медиуми вклучува одредби со кои ја нагласува слобдата на медиумите, постојат четири основи по кои тој не нуди соодветна заштита за правото на слобода на изразување.

Првите две основи се недостатокот на јасност на законот и широките дискрециски овластувања дадени на оние што го спроведуваат Законот, како што веќе посочив претходно во овој текст.

Третата основа е неуспехот да се воспостави директна врска помеѓу примената на законот и заштитата на слободата на медиумите. Тој недостаток е значаен затоа што придонесува јавните тела, судовите и сите други субјекти што го применуваат законот да немаат обврска да обезбедат заштита за слободата на медиумите во разгледувањето и одлучувањето во случаите во кои се вклучени и новинари или медиуми.

Медиумските закони во други земји се усвоени првенствено со цел да обезбедат заштита на слободата на медиумите и ги обврзуваат јавните тела и судовите да обезбедат таква заштита. Еден добар пример за тоа е одредбата од Член 4 од шведскиот Закон за слобода на печатот:

Сите лица на кои им е доверено да одлучуваат за злоупотребите на слободата на печато или на друг начин да вршат надзор над почитувањето на овој Закон треба постојано да имаат на ум дека слободата на печатот е клучна за постоењето на слободно општество, да го насочат своето внимание првенствено на незаконитоста на темата и мислењето а не на незаконитоста на изразот, на целта а не на начинот на презентација и, доколку постои сомневање, да ослободат наместо да осудат.

Конечно, заштитата на правото на слобода на изразување и слободата на медиумите треба да бидат зајакнати до законодавство што вклучува гаранции за правичност во акредитирањето на новинарите, гаранции против пребарувањето и конфискацијата на новинарски материјали, прислушување на новинарите и мерки да се спречи и истражи насилството врз новинарите и да се казнат лицата за кои се утврдило дека се одговорни за такви дела. Медиумските закони треба да го заштитат правото на слобода на изразување и слободата на медиумите и преку обезбедување на повеќе различни нематеријални правни лекови во случаите на повреда и процедури за вонсудско решавање на споровите. Постојат неколку позитивни примери за нематеријални правни лекови во македонското законодавство, се препорачува да се обезбеди постојано навраќање на нив и на нивното влијание во случаи во кои како странки се јавуваат како новинари и медиуми. Медиумското законодавство треба да ја гарантира правичноста на акредитирањето на новинарите, да ги дефинира случаите во кои се можни пребарувања и заплена на новинарски материјали или следење на нивните комуникации, како и да се мерки за заштита на новинарите од насилство и соодветна истрага на таквите случаи.

Што треба да се направи?
Поради недостатоците и неусогласеноста со принципите на владеење на правото, мала е веројатноста македонските медиумски закони да ја подобрат состојбата во која се наоѓаат новинарите, медиумите и граѓаните. Време е политичарите, правниците, новинарите, медиумите и НВО заедницата да посветат поголемо внимание на квалитетот на законите, а не само на нивниот квантитет. Добрата вест е дека квалитетот може да се подобри ако сите постоечки и идни медиумски закони бидат прегледани не само од стручњаци за медиумско право туку и од експерти за владеењена правото и подготовка на законодавство. Постојат многу такви правни експерти и се што треба да направите е да ги побарате и да ја побарате нивната помош.

*****************************

Овој документ е изготвен од страна на Програмата за подобрување на работењето на организациите која е поддржана од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).

За содржината на овој документ е одговорна Програмата за подобрување на работењето на организациите, спроведена од ДЕТРА Центар, и таа содржина не секогаш ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.