Added by on 2013-07-31

Фото Собрание на Република Македонија

Фото Собрание на Република Македонија

Центарот за развој на медиуми учествуваше на јавните расправи по текстот на предлог-Законот за медиуми на 30 јули 2013 година, и предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на 29 јули 2013 година, организирани од Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија.

На јавните расправи беа поканети и учествуваа претставници на медиумите, новинарските и медиумските здруженија, синдикатите, граѓанските и невладините организации што работат на полето на медиумите и на полето на промоција и заштита на човековите и граѓанските права во Република Македонија.

Исто така, учествуваа и претставници на меѓународните организации во Македонија, како и претставници на странските дипломатски претставништва во Македонија.

На јавната расправа по предлог-Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Центарот за развој на медиуми се концентрираше на прешироките овластувања и надлежности што му се дадени на предложеното ново регулаторно тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а особено на нејзиниот директор.

Нашите забелешки исто така се однесуваат на недостигот на јавност во работата на регулаторното тело што ќе го замени постоечкиот Совет за радиодифузија, со оглед дека постоечките забелешки за „транспарентност“ и „јавност“ воопшто не ја гарантираат јавноста и транспарентноста на Агенцијата.

Кај предлот-Законот за медиуми, ЦРМ го повтори својот став дека таков закон е непотребен и Владата треба да го повлече од Собранието. Во однос на специфични одредби, го изразивме нашето несогласување со дел од дефинициите во законот, за кои сметаме дека се непрецизни или ограничувачки.

Тоа особено е случај со понудената дефиниција за „новинар“, која ја врзува новинарската професија само за работата во традиционално устроени медиуми, и ги занемарува најновите достигнувања во развојот на технологијата, особено на интернет, што значително ја шири категоријата на лица што се занимаваат, професионално или поради други побуди, со собирање, пренесување и интерпретација на информации наменети за јавноста, сфатена во поширока или во потесна смисла.

Обраќањата на нашите претставници на расправите се приложени кон оваа статија.

Категорија

Активности