Added by on 2015-07-16

Центарот за развој на медиуми бара од Владимир Пешевски, заменик на Претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, да поднесе итна и неотповиклива оставка по вчерашниот физички напад врз новинарот и сопственик на интернет страната Мактел.мк Саше Ивановски – Политико.

ЦРМ потсетува дека на министерот Пешевски, како и на сите останати избрани или именувани функционери, обврската да бидат отчетни и да одговараат на прашања на јавноста не се исцрпува со организирање на таканаречените „тематски“ конференции за печатот или со одговарање на пратенички прашања во Собранието на РМ. Притоа, треба да биде свесен и дека со назначувањето на функцијата, се откажал од најголемиот дел од сопствената приватност.

Пешевски, како и сите останати избрани или именувани функционери, мора да биде подготвен на прашањата на претставници на јавноста, без разлика дали се работи за новинари, граѓански новинари или обични граѓани, да одговара секогаш и секаде, а особено ако се наоѓа на јавно место.

Денешниот инцидент во кој Пешевски се обиде физички да се пресмета со Ивановски го сметаме за апсолутно неприфатливо и бараме негова неодложна и неотповиклива оставка.