Added by on 2024-06-05

Центарот за развој на медиуми ве поканува да учествувате на вебинарот „Ера на информативен неред“, што ќе се одржи во петок, 14 јуни 2024 година, преку онлајн-платформата за конференции „ЗУМ“, со почеток во 14 часот.

Предавач на вебинарот е Др. Клер Вордл (https://vivo.brown.edu/display/cwardle), водечки експерт за прашања поврзани со социјалните медиуми, корисничките содржини и верификацијата. Таа е соосновач на „Прв нацрт“ (First Draft), водечка непрофитна организација во светот во областа на истражувањата и практичните одговори на дезинформациите и мисинформациите. Клер Вордл е истражувач на Универзитетот „Браун“ и професор по практики и политики на здравствени услуги. Таа е автор на поглавјето „Ера на информативен неред“ во „Прирачникот за верификација за дезинформации и медиумски манипулации“, што ЦРМ го преведе и издаде на македонски и на албански јазик.

Ова е прв од серијата вебинари наменети, пред сè, за новинари и редакции, како помош во справувањето со напливот на непроверени, често невистинити и злонамерни информации достапни преку интернет и социјалните мрежи и медиуми. Целта е да се зајакне способноста на новинарите и редакциите одговорно да ја вршат својата етичка обрска на своите публики да им обезбедат само проверени и верификувани вести и информации.

Вебинарот е дел од проектот „Проверката на факти пред објавување во борбата против дезинформациите“, финансиски поддржан од Амбасадата на САД.

Линк до вебинарот на платформата „Зум“ ќе ви доставиме дополнително.