Историја

Центарот за развој на медиуми формално е регистриран на 5 март 2002 година, како невладина организација со седиште во Скопје, со фокус во областа на медиумското законодавство и политики и нивното спроведување и примена во Република Македонија.

Организацијата првенствено е составена од професионалци и експерти, како внатре во организацијата, така и како дел од еден поширок „пул“ на стручњаци во областите поврзани со работата на медиумите, односно, во областа на слободата на информирањето, медиумите и човековите права, правото, новинарството, јавната администрација и новите медиуми. Основниот пристап е производство на законодавни предлози и документи за јавни политики, нивна промоција преку застапување и лобирање, и следење на примената на нормативните акти.

ЦРМ се занимава со три клучни области: радиодифузијата со законодавството и политиките во областа на дигитализацијата; слободата на изразување и информирање; и прашања поврзани со авторското право.

За секое од трите прашања, ЦРМ има спроведено бројни активности и иницијативи со видливи и забележителни резултати. Во областа на радиодифузијата и дигитализацијата, ЦРМ до сега произведе: претходниот Закон за радиодифузната дејност од ноември 2005 година. Во соработка со регулаторното тело за радиодифузија, ЦРМ учествуваше во развивањето на правилата за презентирање на политичките партии во изборните кампањи на Парламентарните избори 2002 година, Претседателските избори во 2004 година, Локалните избори во 2005 година, Парламентарните избори во 2006 година. ЦРМ учествуваше во развојот на Националната стратегија за развој на радиодифузијата 2007-2012, и беше спомнат од регулаторното тело, тогашниот Совет за радиодифузија, во преамбулата на Стратегијата. Соработката со Советот за радиодифузија се засноваше на Договор за соработка потпишан од двете институции.

Од основањето во 2002 година, ЦРМ има произведено бројни документи за јавни политкики и други публикации на теми што се од интерес за функционирањето на македонскиот медиумски сектор и состојбите во областа на слободата на изразувањето. Тие документи се достапни на интернет страната на ЦРМ – www.mdc.org.mk.

Во рамките на Проектот на УСАИД за Одговорни медиуми и реформа на медиумското законодавство, спроведуван од 2012 до 2015 година, ЦРМ се фокусираше на младите и растечки нови медиуми и медиуми што објавуваат на интернет, особено на прашањата на нивната одржливост и примената на професионалните новинарски стандарди и стандардите за медиумско известување. За таа цел, организиравме серија на работилници на различни теми, со повеќе од 100 учесници од сите водечки интернет-медиуми во земјата. Проектот вклучуваше и сегмент посветен на тестирање на алтернативни приходни линии за нови и онлајн-медиуми, во кој учествуваат 10 новински интернет страници.

ЦРМ има големо искуство и акумулирана експертиза во обезбедувањето правна помош за новинарите и медиумите инволвирани, како тужени, во судски процеси во граѓанска и кривична постапка. Од март 2012 година, ЦРМ соработува со организацијата Иницијатива за правна помош за медиумите (Media Legal Defence Initiative, MLDI), од Лондон, Велика Британија, во обезбедувањето на правна помош, односно одбрана на суд, за повеќе од 50 новинари инволвирани, како тужени, во случаи на навреда и клевета.

Од 2008 година, ЦРМ е локален партнер на организацијата „Ирекс“ (International Research and Exchange Board – IREX), и ги собира податоците и го подготвува извештајот за Македонија во рамките на годишниот извештај „Индекс на одржливост на медиумите“ (Media Sustainability Index (достапни на https://www.irex.org/resource/media-sustainability-index-msi).

ЦРМ, во моментво, ги спроведува активностите со поддршка на институционален грант од програмата „Цивика мобилитас“ на Швајцарската агенција за соработка и развој, СДЦ (Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC)).