Added by on 2024-07-25

Наместо очекуваната сеопфатна ревизија на медиумското законодавство, во првиот квартал од 2024 година повторно добивме парцијални интервенции, кои и самите се нецелосни и отвораат многу повеќе прашања отколку што затвораат.

Членот 102, кој им забрануваше на државните и владините институции, како и на други јавни институции и тела – јавни претпријатија, претпријатија во државна сопственост, субјекти што вршат јавни овластувања, итн. – да купуваат рекламен простор на радиодифузните медиуми, е избришан. Наместо да биде заменет со сеопфатно уредување на прашањето на „владиното рекламирање“ и спроведувањето на кампањи од јавен интерес, тој воспоставува систем од индиректни субвенции за радиодифузните медиуми.

Истовремено, освен за Владата на Република Северна Македонија и советите на општините и Советот на Град Скопје, сега немаме никакви правила или регулација за однесувањето на другите институции и тела што беа спомнати во член 102. Со оглед на минатите искуства, стравувањата се дека таквата ситуација може да биде злоупотребена за несакано влијание или притисок врз медиумите.

Истовремено, раководните тела на регулаторното тело АВМУ и јавниот радиодифузен сервис МРТ и понатаму дејствуваат како „вршители на должност“, затоа што веќе пет години по носењето на измените на ЗААВМУ од 31 декември 2024 година, новите состави не можат да бидат избрани. Сепак, тие релативно успешно ја вршат својата улога, иако мора да се забележи дека остануваат проблемите со финансирањето од Буџетот, што доведе и до тужба од АВМУ против Министерството за информатичко општество и администрација.

Тоа се главните наоди од следењето на активностите и работата на двете тела задолжени за спроведување на медиумското законодавство, односно регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Програмскиот совет на МРТ. ЦРМ ја следи и активноста на надлежното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА), особено во светло на неговата улога во реформите (или нивното отсуство) на медиумската сцена.

Овој извештај, подготвен со поддршка на институционален грант од Европскиот фонд за демократија (European Endowment for Democracy – EED), го покрива првиот квартал од годината, односно периодот од 1 јануари до 31 март 2024 година.

Извештајот е достапен на следниот линк:

Прв квартален извештај за 2024 година